ЕУ да најде подобар начин за заштита на средствата наменети за Западниот Балкан со Планот на раст, препорачува Европскиот суд на ревизори

Европската Унија треба да најде начини за подобра заштита на средствата во износ од шест милијарди евра наменети за земјите од Западен Балкан преку Планот за растот на регионот, со што треба да им се помогне на овие држави да ги исполнат условите за членство во ЕУ, се посочува во мислењето на Европскиот суд на ревизори. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во мислењето на Судот, објавено доцна попладнево, европските ревизори го поздравуваат воведувањето построги правила за финансирање од страна на ЕУ, со кои исплатата на средства како дел од Планот се поврзува со исполнување на одредени услови во рамки на реформските агенди за различните земји, но сепак посочуваат на „ризик дека условите за исплата не се доволно амбициозни и индикаторите не се доволно јасни и мерливи“. 

Според ревизорката Лаима Андрикиене, одговорна за изработка на мислењето, останува тешко и да се осигура дека спроведените реформи ќе бидат одржливи, пред се поради „слабиот административен капацитет на регионот“. 

– Покрај тоа, Европската комисија не само што треба да прави опсервации, туку и треба да може да бара од владите од Западниот Балкан соодветно да ги разгледуваат и менуваат нивните реформски агенди, смета Андрикиене.

Судот на ревизори предлага и да се воспостават релевантни насоки за оценување на задоволително исполнување на условите неопходни за финансирање наведени во реформските агенди. 

Во мислењето се потсетува дека со Планот за раст за поддршка на регионот за периодот 2024-2027 година се предвидени шест милијарди евра, од кои две милијарди евра неповратна помош (грантови) и четири милијарди евра позајмици, што според ревизорите претставуваат значително зголемување од над 40 отсто на предвидените средства за Западниот Балкан до 2027 година, имајќи предвид дека со актуелната Повеќегодишна буџетска рамка на ЕУ за 2021-2027 на овие земји им е ставена на располагање сума од 14 милијарди евра, наменети за државите кандидати за членство во Унијата. 

– Планот, исто така, ги истакнува различните придобивки што предложените мерки ќе му ги донесат во регионот, меѓутоа во отсуство на проценка на влијанието или аналитички документ, ревизорите на ЕУ не беа во можност да го проценат степенот на веројатност до кој планираните шест милијарди евра поддршка ќе придонесат за постигнување на главните цели на Механизмот, се наведува во мислењето. 

Во документот се посочува и дека треба да се разјаснат одредени одредби од предлогот кои се однесуваат на ревизорските права на Европскиот суд на ревизори и пристапот до податоците и документацијата со цел да се обезбеди правилен надзор. 

Судот констатира дека предлогот за создавање на Механизмот за реализација на Планот и самиот План за раст објаснуваат зошто економиите од Западниот Балкан треба дополнително да се доближат до ЕУ, бидејќи долг период се сметаше дека економската поврзаност меѓу ЕУ и шесте земји од Западниот Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, е недоволна.  

– Како одговор на ова, во ноември минатата година, Европската комисија предложи воспоставување на специфичен финансиски инструмент, Механизам за реформи и раст за Западниот Балкан, како дел од новиот План за раст на регионот. Објектот треба да го поттикне економскиот раст, да ја зголеми социо-економската конвергенција со земјите на ЕУ и да го забрза усогласувањето со вредностите и законите на ЕУ поврзано со идното пристапување во ЕУ, се наведува во документот. 

Мислењето е изработено по барање на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кои побарале од Европскиот суд на ревизори да им го достави својот став за предлогот на ЕК најдоцна до 9 февруари годинава. 

Инаку, во моментов се водат преговори меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за регулативата за Механизмот за реформи и раст за Западниот Балкан, врз основа на кој ќе се имплементира самиот План. 

Како што изјави на денешната прес-конференција портпаролката на ЕК за соседската политика и проширување Ана Писонеро примената на Планот ќе почне по усвојувањето на регулативата. 

– За нас е многу важно што на Европскиот совет на 1 февруари, лидерите се согласија да обезбедат финансирање на Планот за раст, кое се состои од две милијарди евра во грантови и четири милијарди евра во позајмици, истакна Писонеро, додавајќи дека сега останува уште Европскиот Парламент и Советот на ЕУ да се усогласат околу регулативата за Механизмот за спроведување на Планот што е можно побрзо, по што ќе може почне неговото спроведување.

5 thoughts on “ЕУ да најде подобар начин за заштита на средствата наменети за Западниот Балкан со Планот на раст, препорачува Европскиот суд на ревизори

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *