Груевски: Притворот на пратениците е уривање на демократијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски притворот на шестмината пратеници од неговата партија го оцени како тежок преседан, режим и уривање на демократијата.

– Ја користам оваа прилика уште еднаш да апелирам и до обвинителството и до судството, а посебно до Владата која стави се под контрола, да не прави вакви работи. Во моментот пет проценти од сите пратеници се во притвор, домашен или ефективен, или 12 проценти од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, изјави  Груевски денеска по одложувањето на рочиштето за случајот „Траекторија“.

Ова, како што додаде, може да се случи исклучиво во држава во која демократијата е длабоко закопана.

– Партијата која до пред шест месеци зборуваше и не го вадеше зборот режим од уста, сега прави вистински режим. Ова го немало ни во 1949 година. Ваквото однесување, вакво незаконско приведување на пратениците, нивното држење со лисици по 16 часа и  одредување притвор за ништо, затоа што биле на работното место, затоа што некоја пратеничка се гушнала со сопругот кога влегол во Собранието, кога слушнал што се случува таму е ништо повеќе туку загушување на опозицијата и на демократијата, рече Груевски.

На прашање во врска со претстојниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски посочи дека се ќе биде транспарентно и за се навремено ќе биде известена јавноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *