Фудбалските репрезентации на Македонија за фудбалери до 17 и 19 години, ги добија противниците од елитните групи за пласман на завршните турнири за ЕП.
Репрезентацијата до 19 години, која убедливо го освои првото место во конкуренција на Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн, ќе биде домаќин на Елитната група во која се наоѓаат и селекциите на Англија, Унгарија и Летонија. Само првиот од оваа група ќе избори пласман на ЕП кое ќе се одржи во Финска.
Нивните помлади колеги од У-17, имаат исто така тешка група. Ако за У-19 може да се рече дека има квалитет за надигрување, имајќи предвид дека во неа играат таленти како Чурлинов, Елмас, Атанасов и др., за помладите навистина ќе биде тешко да го изборат првото место во конкуренција на Р. Ирска, Полска и Грузија. завршниот турнир за оваа генерација ќе се одржи во Англија.
Квалификациите и во едната и во другата конкуренција мора да завршат до мај следната година.