Писмена реакција за интервјуто на Панос Каменос

Почитувани,
Во врска со последното интервју на лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, за Грчка ТВ „Антена“, каде тој порача дека како партија ќе сторат се’ за да блокираат терминот Македонија да биде вклучен во евентуалното решение за името, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Македонската Алијанса ја повикува Владата на Зоран Заев денес да излезе и јавно да побара од Владата на Алексис Ципрас веднаш да се откаже од иредентизмот и национализмот кон Македонија и Македонскиот народ. Во спротивно нема што да бара Никола Димитров во Виена.

Не може Панос Каменос јавно да се заканува дека ќе блокира евентуален договор кој ќе го содржи терминот Македонија, а во исто време да седи во Владата на Алексис Ципрас која наводно има поинаков став. Кога веќе актуелната Влада ги смени имињата на аеродромот и автопатот за да го одоброволи Никос Коsијас, сега Грчкиот Премиер нека си го дисциплинира својот Министер за одбрана. Секоја мудра надворешна политика ќе измери дали официјална Атина игра двојна игра во која Алексис Ципрас и Панос Каменос ги имаа поделено улогите на добар и лош полицаец. Не смееме да го игнорираме фактот дека 63,5 проценти од гласачите на Сириза имаат исто мислење со Панос Каменос. Грчките уцени до Македонскиот народ да прифати
ново име и идентитет, да се промени Уставот и да се отстрани од нив замислениот Македонски иредентизам во суштина се барања за да спорот за името НЕ се реши НИКОГАШ!

Заканите дека и да го смениме Уставот во Грција постои структура која ќе го блокира договорот кој ќе го содржи терминот Македонија е многу сериозна порака која го доведува во прашање мандатот на Ципрас и Коsијас во преговорите. Се повеќе е јасно дека тие не можат да гарантираат дека ќе го спроведат тоа што евентуално ќе го договорат.

ПРЕСУДАТА НА ХАШКИОТ СУД МОРА ДА СЕ СПРОВЕДЕ! БАРАМЕ МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО ДА ВАЖИ ЗА СИТЕ!

Македонскиот народ сака во ЕУ и НАТО, но не по секоја цена. Актуелната Влада мора да преземе соодветни реципрочни чекори за одбрана на националниот идентитет. Досегашната конструктивност и сервилност немаат никаков ефект, освен нови и се поголеми понижувања. За да биде правдата задоволена Татковината мора да добие покана за полноправно членство во НАТО без одлагање.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *