Ѓурчиновски: Со приклучувањето на иницијативата ја потврдуваме нашата определба за јакнење на регионалната безбедност

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска присуствуваше на состанокот на началници на Генералштабови (НГШ) на земјите членки на иницијативата за соработка во одбраната- DECI (DEfence Cooperation Initiative) во Загреб, Република Хрватска, каде го означи нашето формално приклучување во оваа безбедносна иницијатива.

По воведното обраќање од министерот на одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ, состанокот е отворен од страна на НГШ на Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне, кој истакнал дека приклучувањето на Република Северна Македонија во DECI ќе биде корисно и од значење за понатамошното функционирање на оваа безбедносна иницијатива.

-На состанокот, на кој учествуваат и командантите на здружената команда на НАТО во Неапол, на КФОР, на ЕУФОР-АЛТЕА и на командата на меѓународните копнени сили (MLF), низ стручна расправа се разгледувани повеќе актуелни теми кои влијаат на безбедноста во регионот, како и улогата на овие операции на НАТО и ЕУ врз зајакнување на регионалната стабилност, информираат од Генералштабот.

За времетраењето на состанокот ќе се дискутира за можноста за градење капацитети, зајакнување на заедничката обука и соработка, вклученоста и влијанието на иницијативата во меѓународните безбедносни организации и унапредување на поддршката на заеднички проекти, меѓу кои и придонесот во мултинационалните командни и воени структури на НАТО и ЕУ.

 -Со нашето приклучување во оваа безбедносна иницијатива, уште еднаш ја потврдуваме заложбата за зајакнување на соработката и безбедноста на регионално ниво, како услов за непречен просперитет на регионот, истакнал Ѓурчиновски во првата панел дискусија.

На крајот од состанокот ќе се утврди понатамошната динамика на активностите и состаноците, со  што од страна на началниците на Генералштабовите ќе се потпише заедничка изјава и концептуален рамковен документ.

Во текот на престојот во Загреб, генералот Ѓурчиновски во меѓусебните разговори со своите колеги ќе опфати и повеќе теми од заемен билатерален интерес во полето на одбраната, како и за можностите и начините за зајакнување на дијалогот за безбедноста и стабилноста на регионот. 

One thought on “Ѓурчиновски: Со приклучувањето на иницијативата ја потврдуваме нашата определба за јакнење на регионалната безбедност

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *