Џафери се сретна со претседателот на грузискиот Парламент, Кобахиѕе

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на маргините на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева, се сретна со претседателот на Парламентот на Грузија, Иракли Кобахиѕе.

Од Кабинетот на Џафери соопштија дека на почетокот на средбата, Кобахиѕе ја истакнал важноста од започнување на поинтензивен политички дијалог меѓу Грузија и Република Македонија, посочувајќи дека двете земји сè уште немаат воспоставено дипломатски односи, а имаат слични цели и предизвици, како што се интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Потврдувајќи дека Република Македонија предничи пред Грузија на овој план, тој искажал интерес за отпочнување на соработка во насока на споделување на искуства и добри практики меѓу пратениците и службите на двата парламенти. Грузискиот Парламент е особено заинтересиран за функционирањето на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија и апроксимацијата на законодавството со она на ЕУ. Грузија од своја страна, може да ги сподели своите позитивни искуства во борбата против корупцијата, реформата на полицијата и подобрувањето на услугите за граѓаните, посочил Кобахиѕе.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Џафери изразил задоволство од остварувањето на оваа средба и посочил дека и покрај невоспоставените дипломатски односи, пратениците од двете земји соработуваат во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Делегации на Собранието на Република Македонија во неколку наврати учествувале на мултилатерални настани во Грузија, а и Грузиска парламентарна делегација учествуваше на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ во 2016-та година во Скопје.

Џафери истакнал дека Република Македонија е подготвена да развива секаков вид на билатерална соработка со Грузија, нагласувајќи дека двете земји успешно соработуваат во рамките на ОБСЕ и НАТО. Тој изразил подготвеност за споделување на искуството за формирањето и функционирањето на Парламентарниот институт, и предложил делегација од Парламентот на Грузија да го посети Собранието на Република Македонија со цел да се запознае со работата на Институтот. Претседателот на Грузискиот Парламент го поканил претседателот Џафери да учествува на два значајни настани што ќе се организираат во Грузија во наредниот период – одбележувањето на 100- годишнината од обновувањето на независноста на Грузија на 26 мај и Петтиот глобален самит за Отворено владино партнерство на 17 до 19 јули.

Истакнувајќи дека Република Македонија останува посветена на евроатланската агенда, Џафери го информирал соговорникот за мерките за градење на доверба за разрешување на билатералниот спор што Грција го има со уставното име на Република Македонија, како и за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Соговорниците разговарале за состојбите и актуелностите во Република Македонија и Грузија, како и во регионите на Западниот Балкан и Кавказот и се согласиле дека продлабочувањето на политичката, економската, културната и парламентарната соработка помеѓу двете земји ќе биде од голема полза и ќе отвори перспективи за нивните граѓани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *