Петровска во САД на средба со Остин и на одбележувањето 30 години партнерство со Националната гарда на Вермонт

Министерката за одбрана Славјанка Петровска е во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана Лојд Остин.

Како што информира Министерството за одбрана, во видео изјава пред почетокот на агендата, министерката Петровска информираше за оваа средба, како и за останатите активности во САД, меѓу кои и посетата на Државниот универзитет на Северна Каролина и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон.

На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, посочи Петровска, ќе стане збор за иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област.

– Ако нешто ја одвојува нашата земја и нашата политика од останатите, тоа е дека ние сме гласот на разумот и мудроста. Нашата политика отсекогаш се темелела на вредности и на можности, на отвореност и на искреност. Евроатлантските вредности се нашата водилка во носењето на секоја одлука и тоа нашите американски пријатели и поддржувачи вистински го ценат. Колебањето и одложувањето на носење политички одлуки не се одлика на лидери, и тоа само ја враќа земјата назад. Живееме во време со сериозни предизвици кога носењето државничка одлука е обврска кон татковината, а не добра волја, рече Петровска.

Значаен дел од посетата е наменет и за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. Во Берлингтон, министерката Петровска ќе посети неколку капацитети на Националната гарда на Вермонт, ќе има средба и со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот, а домаќин на делегацијата која го вклучува и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт.

– Со Националната гарда покажавме дека нашите војници се вистински сојузници, но и пријатели меѓу кои има заемна почит и доверба. А, токму довербата може секогаш да отвори нови можности за соработка, развој и да даде нова енергија и амбиција за поголеми успеси, истакна министерката Петровска. 

Во САД предвидени се средби и во американскиот Стејт Департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, и средба со нејзиниот директор, Џејмс Хрш.

Делегацијата ќе го посети и Универзитетот Норвич, каде ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *