Целосната снимка за „Поткуп“ денеска, сепак, нема да се слуша во судот

Целосната снимка за „Поткуп“ нема да биде пуштена на денешното рочиште, одлучи Кривичниот суд по барање на Основното јавно обвинителство. Причина за ова барање е затоа што станува збор за ПИ мерки и заради заштита на сведокот.

Одбраната прво побара таа да ја слушне снимката за да може подготвена да го испрашува сведокот, но барањето беше повлечено откако вториот адвокат на обвинетиот Зоран Заев кажа дека тој веќе ја имал слушнато целосната снимка.

На денешното рочиште присутен е и сведокот Иван Николов Сачевалиев, бизнисмен од Струмица, кому според обвинителниот акт Заев му побарал поткуп.

Сведокот Сачевалиев пред судот изјави дека на 8 ноември 2013 година, на Митроведен, телефонски бил повикан од Заев во неговиот градоначалнички кабинет во Струмица. Кога пристигнал Заев му кажал дека го викнал за да му соопшти дека земјиштето за кое бил заинтересиран може да го купи по цена од 70 денари за метар, но под услов да даде уште по три евра – по едно евро за него, за црквата и за СДСМ. Тој му одговорил дека тоа се многу пари и дека за купување на земјиштето имал подготвено 100.000 евра. Заев, наведе Сачевалиев, му покажал хартии на неговото биро за кои му кажал дека се од фирми со кои е завршена работата на истиот начин како што нему му било понудено.

Откако случајот го пријавил во МВР, Сачевалиев, како што појасни, бил препратен во ОЈО, каде му била дадена опрема за прислушување, по што повторно отишол кај Заев. Во меѓувреме Заев му кажал дека ја намалил цената на две евра – за него и за црквата. Се договориле да се сретнат и Заев му кажал дека парите треба да му ги даде на неговиот брат Вице.

 

Заев и неговите адвокати на минатото рочиште од Судот побараа да не се исклучува јавноста кога ќе се гледа снимката во судница, бидејќи само јавна презентација на целосната снимка ќе може да врати дел од изгубената чест и углед на премиерот.

Како премиер и претседател на СДСМ, како што рече Заев, бара снимката да биде транспрентно до крај и јавно презентирана за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало.

Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *