Грчкиот парламент го изгласа амандманот за блокада на учеството на изборите на партијата на поранешниот пратеник од Златна зора

Со гласовите од пратениците на Нова демократија и ПАСОК- Движење на промена, грчкиот Парламент го изгласа амандманот за блокирање на учеството на изборите на партијата на поранешниот пратеник од Златна Зора, Илиас Касидиарис, кој издржува затворска казна за формирање криминална организација, јави дописничката на МИА од Атина.

Против гласаа опозициските Мера25, Грчко решение и Комунистичката партија, додека пак СИРИЗА отсуствуваше од гласањето.

Грчкиот Парламент веќе има изгласано закон со кој се забранува на изборите да учествува партија чиј претседател, генерален секретар или вистински лидер е осуден за криминално дело, а надлежен да донесе одлука за секоја од партиите е граѓанскиот сектор од Врховниот суд.

Со изгласаниот амандман за учеството на партиите на изборите ќе одлучува пленарната седница на судот и сите десет судии, а не само конкретниот сектор.

За конкретниот амандман потпретседателот на Врховниот суд на Грција и претседател на граѓанскиот сектор во судот Христос Ѕанерикос јавно коментираше дека е директна интервенција во работата на судот, нешто што предизвика реакции од професори по уставно право, како и од партиите, по што во понеделникот си поднесе оставка.

Партијата Национална партија –Грци, која во Грција се нарекува и „партијата на Касидиарис“, го промени првиот човек за да го заобиколи постоечкиот закон што може да го блокира учеството на претстојните парламентарни избори во земјата.

На местото на Касидиарис, кој ќе биде кандидат за пратеник во Атина, дојде поранешниот заменик- обвинител од Врховниот суд, Анастасиос Канелопулос.

Партијата, според истражувањата на јавното мислење во земјата, добива доволен рејтинг за да го помине неопходниот изборен праг од три отсто и да обезбеди место во Парламентот.

Касидиарис, кој моментално е во затвор, во периодот од 2012 до 2019 година беше пратеник од Златна зора, а во октомври 2020 година беше осуден на затворска казна од 13 година и шест месеци поради формирање криминална организација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *