45 ГОДИНИ УСПЕШНО ПОСТОЕЊЕ НА ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ОД СИДНЕЈ

Македонското литературно друштво „Григор Прличев” е прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Тоа беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литературата и културата.

Познатиот иселеник, поет, писател, драматург, општественик  Душан Ристевски, како иницијатор за формирање на Друштвото беше првиот избран претседател на Друштвото, во кое се зачленети десетици познати и признати  вљубеници на убавиот македонски литературен јазик, во поезијата и прозата, во публицистиката и новинарството, во зближувањето на македонските доселеници, коишто се активни на полето на литературата.

Македонското литературно друштво „Григор Прличев” е една од најзначајните македонски асоцијации во Австралија и пошироко во иселеништвото. Тоа е формирано со цел да ги зближи и соедини македонските доселеници во Австралија, кои потекнуваат од сите делови на Македонија и кои активно создаваат литературни творби; го чуваат и го негуваат македонскиот литературен јазик и македонската литература. За остварување на овие цели Друштвото превзеде разновидни активности, како организирање на културно-литературни средби, семинари, наградни конкурси за „Прличева награда”, издавање на списанието „Повод”, формирање Библиотека со читална и архивски оддел и издавање книги од самите членови пишувани на македонски и на англиски јазик.

За последните четириесет и пет години Друштвото успешно секоја година ги одржува наградните конкурси за поезија и раскази како за возрасни така и за деца преку кои ги потикнува поетите и раскажувачите да творат; секоја година организира по неколку поетско-литературни средби за одбележување на годишнината на Друштвото како и за македонските национални денови „Илинден”, годишнините поврзани со поетот Григор Прличев и со апостолот Гоце Делчев, како и промовирање книги.

Исто така, Друштвото од самиот почеток активно беше вклучено во борбата за зачувување на македонскиот идентитет, јазикот, културата и историските постигнувања на Македонците. Друштвото даде иницијативи, во зависност од потребите на заедницата, да се формира Шаховска асоцијација, Драмска асоцијација за млади, Комитет за човекови права, Дебатен клуб, Клуб на ликовни уметници, Служба за социјална грижа, Социјално друштво за жени, Училишта по македонски јазик и Театар.

Друштвото „Григор Прличев“ со неколку илјади книги, списанија и други материјали, организираше наградни конкурси за најдобри литературни творби, а организира и богата издавачка дејност на дела од македонските доселеници, кои во слободното време се занимаваат со пишување. Во Друштвото членуваат голем број творци на поетски остварувања. Тие се чувари на сè она што е македонско и се продолжувачи на културните вредности на македонскиот народ од сите делови на Македонија во дијаспората.

Библиотеката, именувана по преродбеникот од Охрид, Григор Прличев успешно функционира во Сиднеј. На 31 март 1978 библиотеката ја основаа членовите на Друштвото со помош на австралиско-македонската заедница во Сиднеј, а целта е да се изучува, зачува и промовира македонскиот јазик и македонските литературни. Мисијата на библиотеката е македонски книги да бидат достапни за читателите вклучувајќи ги и учениците кои го изучуваат македонскиот јазик и воедно да се збогати мултикултурното општество во Австралија со македонски книжевни дела. Четири и пол децении од основањето на библиотеката е историски момент за македонската заедница.

Денес друштвото „Григор Прличев“ претставува столб на културните и литературните збиднувања на Македонците и нивните пријатели во Австралија и ширум светот. Тоа е едно од најзначајните публицистички куќи, културни и се’македонски центри кое ги собира, зближува и надградува бројните интелектуалци, вљубеници во пишаниот збор, во театарскиот храм и во се она што значи зачувување и афирмација на културата, јазикот, името и вистина за македонскиот народ и етничка Македонија.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “45 ГОДИНИ УСПЕШНО ПОСТОЕЊЕ НА ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ ОД СИДНЕЈ

  1. Wow, incredible weblog structure! How long have
    you ever been running a blog for? you make running a blog glance easy.
    The total look of your website is excellent, as neatly
    as the content! You can see similar here dobry sklep

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *