Северна Македонија и Словенија во 2023. ќе одржат заедничка меѓувладина седница

Зајакнување на билатераланата соработка преку редовен политички дијалог, вклучително и преку одржување меѓувладина седница во текот на оваа година за сите важни области за граѓаните, меѓудругото договорија денеска во Љубљана премиерот Димитар Ковачевски и неговиот словенечки колега Роберт Голоб.

Како што јави известувачот на МИА од Љубљана, двајцата премиери денеска потпишаа заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу двете држави, а една од областите на зајакната соработка ќе биде токму практичната поддршка на Словенија во натамошниот процес на преговори со Европската Унија, кој пак е условен со уставните измени кај нас.

Ковачевски и Голоб направиле пресек на севкупните досегашни односи и ја потенцирале потребата за зајакнување на стабилноста на регионот, посебно во актуелниот геополитички контекст, кога треба да се сочуваат европскиот мир и безбедност.

-И затоа се согласивме, со поблиска координација на надворешните политики и со редовен политички дијалог, да придонесеме во кохезијата помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Во таа насока, предвидовме консултации за актуелни прашања од регионот и надворешната политика на двете земји, изјави Ковачевски на заедничката прес-конференција.

Тој истакна дека Северна Македонија покажала дека знае и може активно да придонесува во регионалната стабилност и перспективи, преку политиките на еднакво општество за сите на домашен план и со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст, притоа, поставувајки се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, со што покажала континуитет во поддршката на европските вредности.

Тој изрази благодарност до Голоб за континуираната, силна и отворена поддршка на Словенија за демократскиот и евроатлантски развој на Северна Македонија. Ја поздрави и словенечката поддршка и охрабрување кон сите пратеници во Собрание на Северна Македонија да продолжат да работат заедно и конструктивно, имајќи го предвид сегашниот моментум и шансите да се направи нов конкретен исчекор во преговарачкиот процес, со конечна цел – полноправно членство во Унијата.

-И затоа од овде, од Словенија, сакам да порачам дека Република Северна Македонија и македонските граѓани ја препознаваат својата улога во регионален и европски контекст. Силно верувам дека ќе останеме посветени и успешно ќе чекориме на европскиот пат, иако некои внатрешни и надворешни сили, можеби не го посакуваат тоа, порача премиерот Ковачевски.  

Тој ја нагласи важноста на словенечката техничка поддршка за зајакнување на административните капацитети на државата во областа на евроинтеграциите, посебно во делот на усогласување на законодавството на Северна Македонија со законодавството на ЕУ и неговата имплементација.

-Словенија, веќе две декади го поддржува развојот на Северна Македонија со речиси 40 милиони евра во имплементацијата на реформите коишто произлегуваат од процесот на евроинтеграција, но и генерално во однос на подобрувањето на развојот на земјата, рече Ковачевски.

Од примателите на словенечка развојна помош, земјите од Западен Балкан се приоритет број еден, односно 60 отсто од словенечкиот буџет за развојна помош се доделува на земјите од Западен Балкан, а 40 отсто на другите програмски земји.

-Она што е посебно важно за нас денес, е што предвидовме и унапредување на соработката за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ, насочени кон успешна подготовка на Северна Македонија за членството во Унијата. Тоа подразбира размена на најдобри практики и искуства со Словенија од процесот на пристапување во ЕУ, вклучително и преку проекти финансирани од ЕУ, со цел поддршка на Северна Македонија во исполнувањето на критериумите за пристапување, додаде премиерот Ковачевски.

Kryetari i Qeverisë së Republikës së Maqedonisë së Veriut, Dimitar Kovaçevski, sot në kuadër të vizitës zyrtare, u takua me kryetarin e Qeverisë së Republikës së Sllovenisë, Robert Gollob, me

Двајцата премиери се заложиле и за продолжување на заедничка работа во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан и отворањето перспективи за младите, со зајакнување на културната размена и соработката во науката и високото образование коишто се на напредно ниво, како и посебно, со унапредување на соработката во областа на економијата. Заклучиле дека нивната соработка е особено плодна на полето на економијата и инвестициите.

-Ме радува што словенечките инвеститори имаат интерес за Северна Македонија. Словенечкиот капитал е традиционално многу присутен во нашата земја, како по обем, така и по број на инвестиции и минатата година, трговијата меѓу две земји продолжи да расте, рече премиерот.
Словенечките инвестиции во Северна Македонија се околу 6,9 отсто од вкупниот прилив на странски директни инвестиции, што ја прави Словенија петти по ред инвеститор во земјава. Во Северна Македонија работат над 40 словенечки компании кои вработуваат 2500 вработени, меѓу нив „ТАБ МАК“, „ЛТХ“ – леарница во Охрид, инвестиција со питка вода во Пробиштип, како и на винаријата Ормож – Пуклавец во Дисан, Неготино. Тука се и пречистителните станици во Штип и Неготино.
Премиерот потсети дека словенечките инвеститори имаат акции во Комерцијална банка, Охридска банка, а Нова Љубљанска Банка е сопственик на Тутунска банка, којашто е една од подобрите банки во земјава и додаде дека прва Покојнска Дружба и Нова Љубљанска Банка се со-основачи на двата приватни пензиски фонда во Северна Македонија. Ја спомена и најголемата фотоволтаична централа во Северна Македонија – ГЕН-И, која беше пуштена во употреба минатата година.
Премиерот нагласи дека целта е зголемување на трговската размена со Словенија на 500 милиони евра, а во моментов таа изнесува 300 милиони евра, како и продлабочување на соработката во делот на странските директни инвестиции.
-Во последниов период, сведоци сме и на зголемен интерес кај македонските компании за инвестирање и извоз на словенечкиот пазар, каде веќе добро се пласираат и неколку македонски брендови, рече Ковачевски и додаде дека македонските инвестиции во Словенија достигнале над 30 милиони евра, пред се во делот на металургијата. 

Потенцијал за соработка, како што оцени премиерот Ковачевски, има и во областа на телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот, дигитализацијата, овозможување директни летови меѓу двете земји.

Ковачевски ги спомена и околу 1.500-те студенти од Северна Македонија на редовни додипломски и магистерски студии на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Љубљана. -И лично, а и во Владата, посакуваме овие студенти, по завршувањето на студиите да се вратат во Северна Македонија и да го применат стекнатото знаење, додаде тој.


Голоб, на прес конференцијата оцени дека Словенија и Северна Македонија се на иста линија и нè соединуваат одлични билатерални односи и меѓу народите.
За таа цел, како што рече премиерот Голоб, Словенија е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, со можности за зголемување на трговската размена, ги посочи студентите од нашата држава кои студираат во Словенија, како мост за соработката, а Словенија го поддржува и развојот на Северна Македонија и во други области од важност за граѓаните.

-Словенија сака да ѝ помогне на Северна Македонија во сите можни форми. Постои големо разбирање на словенечкото стопанство за развојот на Северна Македонија, рече премиерот Голоб.

Ковачевски денеска беше пречекан со највисоки воени почести во замокот Брдо кај Љубљана од страна на словенечкиот премиер Голоб со кого оствари тет-а-тет средба, а потоа ја потпишаа и декларацијата.

По средбите во замокот Брдо, предвидени се средби на премиерот со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, како и со вицепремиерката и министерка за надворешни и европски прашања Тања Фајон и со министерката за дигитализација Емилија Стојменова Дух.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *