Ковачевски на средба со словенечкиот премиер Голоб, во фокусот на разговорите зајакнување на соработката

Со највисоки воени почести претпладнево во Брдо кај Крањ е пречекан премиерот Димитар Ковачевски од неговиот словенечки колега Роберт Голоб со што започна неговата официјална посета на Словенија.

Двајцата премиери во моментов имаат тет-а-тет средба на која во фокусот на разговорите е билатералната соработка меѓу двете држави, евроинтеграцијата на Северна Македонија, актуелните регионални и меѓународни прашања меѓу кои и војната во Украина и сојузништвото и обединетоста околу ова прашање, јави известувачот на МИА.

Ковачевски и Голоб ќе потпишат и заедничка декларација за зајакната соработка меѓу двете држави што се оценува како уште една јасна потврда на долгогодишното и цврсто пријателство меѓу Северна Македонија и Словенија и патоказ за натамошната соработка.

Во состав на македонската делегација е и министерот за земјоделство, шумарство и водостопаство Љупчо Николовски, а од словенечката делегација е вицепремиерката и министерка за надворешни работи Тања Фајон со која подоцна премиерот Ковачевски ќе има средба.

Според агендата, попладне премиерот Ковачевски во претседателската рециденција ќе се сретне и со претседателката на Словенија, Наташа Пурц Мусар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *