Царовска: Првите мали групни домови за деца во јуни годинава

Првото излегување деца од гломазни институции за згрижување и преминување во мали групни домови се очекува во јуни годинава, најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Со ова треба да започне процесот на трансформација на големите  институции кои не можат да овозможат соодветна грижа за децата.

– Тие институции се отворени. Уште од моето доаѓање на функцијата зборувам за деинституционализација на овие гломазни установи затоа што моделите на заштита во такви системи, што не ги почитуваат човековите права и не даваат однос еден на еден, не можат да дадат резултати во ресоцијализацијата, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање во врска со уште поледниот случај кога од Заводот за згрижување „Ранка Милановиќ“ во полиција било пријавено  дека едно девојче заминало од институцијата.

МТСП, рече таа, детално го истражило овој случај, како сите останати претходни случаи. Девојчето било постар малолетник, кое еднаш ја напуштило институцијата, било вратено и повторно пред неколку денови заминало.

– Тие деца се таму не заради тоа што немаат родители, туку заради акумулација на голем број социјални ризици и неможноста  училиштето и семејството да се справат со нив. Но, институцијата уште помалку има такви можности. Тоа го гарантирам, затоа што институциите се уривани изминатите години. Дополнителен проблем е што оваа оваа институција е правно поврзана со другата институција „25 Мај“, рече Царовска.

Затоа, потенцира таа, ние одиме кон трансформација на ваквите институции и формирање мали групни домови во кои овие деца ќе добијат воспитувачи и стручни работници кои ќе работат еден на еден со нив и кои ќе бидат модели за нивен развој и нивно однесување.

Додека заврши процесот на трансформација, Царовска истакна дека е ангажирано стручно лице кое, како што рече, има големо искуство во менаџирање на мали групни домови. Тој е во институцијата секојдневно со цел да ги зајакне капацитетите за протокол и заштита на децата, работи на осмислување програма за работа со деца, но, потенцира Царовска, работи со воспитувачите и стручни служби за да се подигне моралот и енергијата за работа во институцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *