Турската агенција ТИКА донираше техничка опрема за Националниот конзеваторски центар

Националниот конзеваторски центар (НКЦ) денеска доби техничка опрема – донација од Турската агенција за соработка и развој-ТИКА.

За потребите на Центарот, ТИКА донираше 26 компјутери, еден плотер, седум печатачи и бекап-сервер. Донацијата ја предаде Ајтекин Ајден, координатор на ТИКА за Република Македонија и ја прими директорот на НКЦ Мемет Селмани, во присуство на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Министерот рече дека оваа донација е доказ за добрата соработка и поддршката од ТИКА и Турција во сите сфери, а особено во заштитата на културното наследство.

– Сметаме дека токму оваа донација ќе ги зголеми капацитетите на Националниот конзерваторски центар да може поуспешно да ја остварува таа своја улога. ТИКА е посветен партнер и голем помагач на Македонија и ние очекуваме дека ова стратешко партнерство ќе продолжи и дека ќе влеземе во уште многу соработки. Оваа донација е значајна за нас, затоа што имаме многу наследени проблеми. Во рамки на нашиот буџет ги одредивме приоритетите и тешко ни е некогаш да одлучиме дека набавката на нова опрема спаѓа меѓу најургентните, рече Алаѓозовски, додавајќи дека планираат во идните години да ги зголемат инвестициите за набавка на техничка опрема.

Директорот на Националниот конзерваторски центар Мемет Селмани се заблагодари за подарената опрема и рече дека таа ќе ја унапреди нивната работа. Потсети на помошта од ТИКА во изминатите години.

– ТИКА е наш повеќегодишен партнер и финансиски поддржувач на повеќе значајни проекти во сферата на конзервација и реставрација на културното наследство од отоманскиот период на територијата на Македонија. Имаше и целосно разбирање за еден ваков, поразличен проект за обнова на застарената и во најголем дел нефункционална компјутерска опрема во нашата институција, рече Селмани.

ТИКА е организација на Владата на Турција која во Скопје има канцеларија 13 години. Координаторот за Република Македонија Ајтекин Ајден посочи дека  функционираат во многу области, а за оваа донација, рече, било одлучено со цел да се поддржи работниот процес на НКЦ и развојот на неговиот капацитет.

– Од 2005 година ТИКА реализираше над 850 проекти во Република Македонија. Најприоритетни се проектите од областа на здрвството и образованието, како и во земјоделството. Заштитата на културното наследство и проектите од областа на реставрацијата се, исто така, многу значајни и имаме реализирано голем број. Целта е тоа на најубав начин да им се пренесе на идните генерации, а и да се привлечат што повеќе туристи во Македонија, истакна Ајден, задоволен и од соработката со Министерството за култура која, рече, многу им ја олеснува работата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *