Пендаровски: Досега сме единствени во регионот кои покажавме капацитет за компромис за тешки прашања

Во годината што претстои очекувам уште поинтензивно јакнење на европската солидарност и партнерство, како и натамошно интензивирање на трансатлантските врски. Тоа е влогот, но и гаранцијата која ќе обезбеди мир, просперитет и дополнително зајакнување на демократијата и кај нас и во Европа, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на  традиционалниот годишен прием што за претставниците на дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, го приреди вчеравечер во Скопје.

Како што соопшти денеска претседателскиот Кабинет, Пендаровски посочи дека  припаѓаат на генерација политичари кои се соочени со, како што рече, „ни малку лесната задача да ги дефинираат контурите на европскиот поредок во кој ќе живеат нашите граѓани, кога војната и страдањата во Украина ќе завршат“.

-Нашиот денешен одговор на трагичните случувања во Украина зборува за тоа како ги замислуваме Европа и светот откако таа војна ќе заврши. Мирот и ослободувањето на Украина се приоритет кој нема алтернатива. Преку нашето претседавање со ОБСЕ оваа година ќе се обидеме да дадеме придонес во таа смисла, заедно со сите останати субјекти. Во овој контекст е важно дали ќе дозволиме историјата да ни се повторува на тој начин што анахроните политички режими ќе управуваат со нашите животи и ќе решаваат за нашата иднина. Демократијата мора да надвладее, а најголемата одговорност за тоа ја имаат оние држави кои ги отворија вратите на демократијата за нашите општества кога Берлинскиот ѕид беше срушен пред повеќе од 30 години. Затоа ова е време кога декларативните заложби треба да бидат заменети со смели одлуки без разлика дали станува збор за воената и хуманитарна помош за Украина, проширувањето на Европската Унија или за безбедноста и економскиот напредок на целиот европскиот простор, порача Пендаровски. 

Како што информира Кабинетот, шефот на државата во обраќањето пред дипломатскиот кор подвлече дека, како и досега, во рамките на неговите надлежности ќе настојува Северна Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите, дијалогот и соработката со сите соседи. 

 –Сепак, морам да нагласам дека за мојата држава изминатиот период беше исполнет со големи предизвици и непринципиелни напади врз идентитетските параметри со кои можеби, на вербално ниво, само уште Украина се има соочено во поновата историја на Европа. И во такви услови покажавме зрелост и визија, носејќи одлуки за кои знаевме дека ќе бидеме критикувани од дел од јавноста, кои можат да ја намалат нашата популарност и кои, од некои дури можат да бидат протолкувани како наша попустливост, па дури и слабост. Без лажна скромност, досега сме единствени во регионот кои покажавме капацитет за компромис за тешки прашања и дека кога велиме дека веруваме во вредностите на демократијата, тоа за нас не е само реторика, а најмалку слабост. Преку тие компромиси, станавме членка на НАТО и ја отворивме првата фаза од преговорите со ЕУ. По три години членство во Алијансата верувам дека повеќе никој не се сомнева дека и мала земја како Северна Македонија може да биде значаен партнер и да придонесува за мирот во регионални и во европски рамки, истакна Пендаровски. 

Во оваа година, како што рече, очекуваме да ја финишираме скрининг фазата од преговарачкиот процес со Унијата и да преминеме кон отворање на кластерите.

-Уставните промени би требало да бидат наскоро на домашната агенда и во овој контекст, потребна ни е атмосфера во која сите проевропски сили ќе може да се обединат и да ги испорачаат тие промени. Тој процес нема да биде лесен, а секоја натамошна провокација или атак врз нашиот идентитет, само дополнително ќе го усложнува. Со други зборови, потребен е стабилен амбиент и предвидливост на европскиот пат. Притоа, не смееме да заборавиме дека европските интеграции за нас не значат само добрососедски односи, туку и економски прогрес, сериозни реформи и реална, а не реторичка борба против високата корупција, додаде Пендаровски.

Шефот на државата во обраќањето, како што денеска информира неговиот Кабинет, оцени дека  регионот во кој живееме е особено погоден од случувањата во Украина, без разлика дали станува збор за економско-социјалните последици или, пак, за изложеноста на хибридните закани и кампањите на лажни вести.

-Минатата година, отворањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија, кандидатскиот статус на БиХ, одлуката за укинување на визите за Косово и серијата економски мерки за поддршка на националните стопанства, делумно го повратија кредибилитетот на Европската Унија во регионот. Ваквите политики ќе имаат стабилизирачки ефект на подолг рок само ако бидат базирани врз долгорочна стратегија за целосна интеграција на регионот во Унијата, и ако не се само одговор на војната во Украина. Просперитетен регион фокусиран на соработка, а, не врз конфронтации е возможен само ако Европската Унија е наш заеднички именител, додаде претседателот на државата.

 Во обраќањето за време на приемот за дипломатите во земјава, на кој во улога на доајен на дипломатскиот кор се обратил амбасадорот на Албанија Фатос Река,  Пендаровски соопшти дека  во  претстојниот период ќе биде домаќин на најмалку три претседатели од регионот и Европа, а во текот на годината веќе се договорени неколку билатерални и мултилатерални посети.

-Мојата цел е надворешната политика на Северна Македонија да биде водена транспаретно и во интерес на заедничките вредности кои ги споделуваме со мирољубивите и демократски земји, истакна Пендаровски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *