Сотировски се сретна со претставници на „Совест“ за Али Пашината џамија во Охрид

Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски денеска во Охрид се сретна со претставници на здружението „Совест“, од кои ги слушна ставовите за нивната загриженост за градежните работи на Али Пашината џамија во Охрид.

Сотировски на средбата истакнал дека сите отворени прашања што задираат во верските чувства, макар на еден граѓанин од нашата држава, навлегуваат во, како што потенцирал, најсензитивната сфера и мора многу сериозно да им се пристапува.

– Комисијата за односи со верските заедници го афирмира својот став решенијата за ваквите прашања да се бараат во отворен разговор меѓу страните, во согласност со закон и постапките предвидени во законот. Во следниот период Комисијата ќе ја мотивира соработката во наоѓање меѓусебно разбирање, се вели во соопштението од КОВЗ.

Сотировски, за време на својот престој во Охрид го посетил и Заводот за заштита на културното наследство и музеј на Охрид, градот под заштита на УНЕСКО и се сретнал со директорката Елеонора Новаковска, со која разговарале за државниот интерес во заштитата на целокупното културно богатство што го поседува Охрид, како и за сите негативни постапки кои го загрозуваат неговиот статус на заштитен град од УНЕСКО изминатите години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *