Врховен треба да донесе одлука за притворените пратеници

Врховниот суд на Република Македонија се очекува денеска да ги објави одлуките по жалбите на 15 обвинети за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година.

По жалбите кои се поднесени на решенијата на Апелацискиот суд и со нив се бара укинување на мерките притвор и куќен притвор и изрекување на поблаги казни за обвинетите, Врховен одржа јавна седница пред два дена.

Според адвокатите на обвинетите, решенијата на Апелацискиот суд се паушални и недоволно образложени и нема основи за влијание врз сведоци со оглед на фактот дека истрагата за овие настани е завршена. Пред петчлениот судски совет на Врховниот суд беше посочено од страна на бранителите дека нема основи и за бегство на обвинетите и оти тие се заинтересирани да се открие фактичката состојба за настаните од 27 април.

Меѓу другите обвинети, за поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски се бара укинување на мерката притвор, а за пратеникот Љупчо Димовски и оперскиот пејач Игор Дуловски укинување на мерката куќен притвор и изрекување на мерки на претпазливост.

Адвокатот на Чавков пред петчлениот совет на Врховниот суд побара укинување на притворот за неговиот клиент притоа посочувајќи дека во затворски услови тој не може да ја има соодветната нега по преживеаниот инфаркт. Посочи и дека основите на сомнение за кои се товари неговиот клиент оти не издал наредба за дополнителни сили на терен не се доволни за изрекување на мерката притвор.

На јавната седница не беше присутен обвинетиот Оливер Поповски, но неговиот застапник, по реакцијата зошто тој не е спроведен, се согласи да се одржи јавната седница без присуство на Поповски.

Муковски, Василевски, Чавков, Димовски, Дуловски, Поповски и полицискиот службеник Мунир Пепиќ се дел од 35-те осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *