Писмена изјава за платформата на МАНУ за спорот за името

Почитувани,

Во името на Македонската Дијаспора ја поздравувам платформата на МАНУ во врска со спорот за името. МАНУ одамна има обврска да даде свој придонес во зачувувањето на Уставното име и Македонскиот национален идентитет. Петте клучни точки од Платформата кои вчера ги објави МАНУ упатуваат на заклучокот дека предлозите на официјална Атина треба да се отфрлат како бесмислени. Македонија сака да стане полноправен член на ЕУ и НАТО, но не по највисоката цена што подразбира да се согласиме на сопствено обезличување. Нема никакви дилеми дека сите Грчки партии се унисони во нивната уцена – или Македонија ќе прифати ново име и нов идентитет или нема напредок во Евроатланските интеграции. Во таа насока сметам дека е целосно недозволиво актуелната Влада да крие од Македонската јавност какви предлози испратил Коsијас и со какви позиции ние сме возвратиле. Со ваков пристап, кај граѓаните дополнително се развива чувство на несигурност и сомнеж дека тајно се раскрчмуваат националните интереси. Евентуалните ветувања или прифаќање на одредени предлози го надминуваат мандатот на партиите или коалициите. Народот никому не дал дозвола да преговара за историското наследство за кои генерации Македонци ги положија своите животи.

Во оваа фаза е клучно да се предочи дека актуелната Влада не смее ни да помисли да го напушти покровителството на ООН во решавањето на спорот за името. Грција настапува со трикови кои треба да ја извадат од баланс Македонската позиција. Имено, Грција нема право да предлага нова билатерална спогодба затоа што е осудена земја со пресуда на Меѓународниот Суд во Хаг заради прекршување на Времената Спогодба која ја потпиша во 1995. Едноставно не може да нудиш нов договор кога не го почитуваш претходниот.

Сега на Македонија и се потребни цврсти и одважни потези. Нема друг пат за нас освен да побараме неодложно спроведување на пресудата на Судот во Хаг која ќе овозможи Македонија веднаш да добие покана за полноправно членство во НАТО. Ние мора да добиеме на дело потврда дека меѓународното право важи за сите подеднакво. Во спротивно нема ниту една причина зошто да продолжиме да разговараме за ирационалниот спор за нашето име.

Опцијата со подршка на нашиот стратешки партнер САД да започнеме иницијатива во ООН за преиспитување на Резолуцијата 817 на Советот на Безбедност и усвојување на нова со која ќе биде признено Уставното име Република Македонија секогаш стои отворена.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *