Ќе се обидеме од идната година да го понудиме бесплатното болничко лекување барем на најранливите категории на граѓани, за да може до крајот на втората половина или почеток на 2019 година да важи за сите граѓани, изјави денеска претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, одговарајќи прашања од невладините организации за резултатите од работниот состанок за социјална интеграција на Ромите во Македонија.
– Имавме опсежна дебата за време на донесување на буџетот за распределбата на соодветни места за прашања што ги таргетираат ранливите категории, со посебен фокус на Ромите. Одлучивме кога на фондот за здрваство даваме една милијарда и сто повеќе пари од претходните години, сега тоа ќе се обидеме да стигне таму каде што е најмногу потребно. Многу е важно да имаме фокус на практична имплементација на тоа што е донесено, рече Заев.
Прашан кога и како ќе се реши проблемот на лицата без документи, Заев рече дека на почетокот на идната недела ќе следува состанок со Министерството за труд и социјална политика, за олеснување на докажувањето и обезбедувањето документи.
– Целосно тоа можеме да го упростиме со уредби и регулативи и не мора да одиме со законско решение. Целта е овие луѓе со нерешени проблеми во многу брзо време и до крајот ноември би рекол да го завршиме прашањето. Тоа се наши граѓани и мора брзо да го решиме, рече Заев.
Прашан како и што може очекуваме од Владата за зголемување на процентот на Роми во државната и јавна администрација, Заев рече дека мора да се работи на вклучување на Ромите барем на нивото на нивната процентуална застапеност како граѓани на Република Македонија.
– Тоа не се должи само на традиција или нешто останато од минатото и начин на живот. Не, немаат шанса Ромите во Република Македонија. Ние сме должни да ја дадеме таа шанса за да имаат еднаков живот со сите граѓани. Тоа мора да го правиме на неколку начини и ја испраќам пораката до сите институции дека при вработување мора да се водат од документите и стратегиите што Македонија ги има усвоено за во најбрз можен рок да бидат соодветно застапени на сите нивоа, изјави Заев.
Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија Самка Ибраимовски, најави дека на секои четири месеци ќе се одржуваат вакви јавни настани за претставување и анализирање на сите конкретни мерки во приоритетните области опфатени во Стратегијата за Роми.