МОНОГРАФИЈАТА ЗА СЕМЕЈСТВОТО „ВИДИНОВСКИ“ – ИНТЕРЕСЕН ИСЕЛЕНИЧКИ ЛЕТОПИС (15)

Во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје излегло од печат луксузното монографско дело Семејството Видиновски“ на публицистот Славе Катин. Во делото на 440 страници на македонски и на англиски јазик се дадени текстови кои се значаен прилог и придонес кон осветлување на голем број аспекти од историската и творечката вистина за иселениците Борче (Борис) и Рада Видиновски од Торонто, Канада. Рецензенти на делото се проф. д-р Вера Стојчевска–Антиќ и Нада Николовска.

Монографијата „Семејството Видиновски“ е слика за животот и делото на познатата поетеса Рада Видиновска и нејзиниот сопруг, бизнисменот Борче Видиновски, како и за  нивното семејство во Канада и Македонија. Во исто време делото претставува интересна страница од мозаикот на македонскиот иселенички  летопис  во Торонто, Канада, но и во пошироките  простори  на северноамериканскиот континент.

Во монографијата „Семејството Видиновски“ авторот Славе Катин пишува дека Рада и Борче Видиновски се почитувани и горди Македонци. Тие се познати доблесни имиња, активисти и поети, кои со својот ангажман, со нивната активност во Македонската заедница во Торонто, оставиле достоинствени пораки за времињата идни и за генерациите следни. Тие пленат со нивното родољубие и силна посветеност за афирмација на македонското име, јазик, идентитет, култура и традиции во мултикултурна Канада.

Животната приказна на семејството Видиновски, истовремено е и скромен дел од историјата на неговото Крстоар, Битолско, на Македонците во иселеништвото, а преку него и на нивната татковина – Македонија. Зашто она што се случувало од исконските времиња на Филип II и Александар III – Македонски,  преку незаборавните битки на цар Самуил, до оние на Гоце Делчев, Даме Груев и сите борци по нив, ги отсликуваат историските голготи низ кои минала Македонија, сѐ до нејзиното прогласување за самостојна, демократска и независна држава. Затоа, може да се рече дека со моно-графскиот труд на Славе Катин за доблесното семејство Видиновски во скромни рамки се проектира најновата фаза на македонската иселеничка историја.

Семејството Видиновски од селото Крстоар ја напуштило својата родна земја – Македонија од економски причини, а спомените, мислата, љубовта, тагата и патриотскиот дух кон татковината и својот народ не го напуштиле. Проникнувањето на овие хоризонтали во животот на Борис (Борче) и Рада Видиновски, како и сите Македонци ширум дијаспората, ја откриваат сликата за библиската природа на земјата на нивното потекло сместена на балканските простори.

Семејството Видиновски е дел од многуте печалбари од потпелистерските краишта, за кои судбината била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселе-ниците. Во таа печалбарска сага, секако свое посебно место има нивното родно село Крстоар кое е тесно поврзано со историскиот и општествениот развој на Македонија и македонскиот народ и со иселеништвото во целина.

Борче и Рада се личности за почит и пример од кои можат и треба да учат и други Македонци во двете татковини, Канада и Македонија. Делото што го направиле Борче Видиновски и неговиот животен сопатник Рада Крстевска- Видиновска, претставува убав пример и патоказ на еден честит и благороден канадски брачен пар.

Кога се пишува за Рада Видиновска може да се каже дека за неа поезијата, всушност, е нејзин живот. Во нејзината поезија се испреплетени нејзините две татковини, Македонија и Канада. Затоа, поетските дела што таа ги напишала претставуваат убав пример и патоказ на една честита и трудољубива канадска Македонка, на која татковините ѝ се и радост и тага и восхит. Во Канада, Рада Видиновска станала македонски иселенички писател, поет, есеист, раскажувач и автор на 14 стихозбирки.

Во Торонто Рада Видиновски активно се вклучила во македонските иселенички организации и црковни општини. Била член на управата на МПЦ „Свети Климент Охридски“, член на културниот комитет,  како и претседател на женската секција при црквата „Свети Климент Охридски“, претседател на женската секција при организацијата „Обединети Македонци“ и претседател на Друштвото на писатели „Браќа Миладиновци“, во Торонто. Повеќе години била учесник на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ по покана на Управниот одбор на СВП и застапена е во изборот „Кој е Кој“ на светските поети.

Рада и Борче Видиновски сe дел од многуте печалбари од подпелистерските краишта, за кои судбината  била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на иселениците.

Монографијата за семејството Видиновски е поделена на неколку дела. Во нив се претставени нивните две татковини – родната Македонија и земјата на нивниот животен пристан – Канада. Во Канада се пет децении, но се чести гости и во Крстоар и во Охрид, каде имаат куќа и стан за одмор и рекреација. Претставени се нивните родни места селата Крстоар и Живојно, за кои се објавени сите релевантни податоци во текот на нивното постоење. Исто така, претставени се значајните личности, со посебна нагласка на црковно-духовните центри од двете села.

Благодарение на порталите „Македонска нација“ и „Макeдонско сонце“ од Скопје, од монографијата „Семејството Видиновски“ биле печатени 53 продолженија од монографијата на семејството Видиновски од Торонто..

Продолжува

ДУШАН РИСТЕВСКИ – МАКЕДОН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *