Собранието ги ратификуваше протоколите за влез на Финска и Шведска во НАТО

Собранието денеска на 82. седница со 103 гласа „за“ и два „против“ ги ратификуваше протоколите за пристапување на Република Финска и на Кралството Шведска во НАТО. Македонскиот Парламент првпат ратификува протоколи на нови земји аспиранти за членство во Алијансата, откако земјава официјално стана членка на НАТО на 27 март 2022.

За ратифицикацијата на протоколите за влез на Финска и Шведска во НАТО гласаа пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

На денешната седница во Собранието присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, други членови на Владата и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

По Самитот на НАТО во Мадрид, што се одржа кон крајот на минатиот месец, на 5 јули 2022 претставниците на 30 држави членки на Алијансата во Брисел ги потпишаа протоколите кон Северноатлантскиот договор во врска со  пристапувањето на Шведска и на Финска во Пактот.

Шведска и Финска поднесоа барања за членство во Алијансата по почетокот на руската аграсија врз Украина. 

На дневен ред на 82. собраниска седница се и измените на Законот за судска служба, на Законот за јавнообвинителска служба и на Законот за извршители, трите по скратена постапка. Потребата за донесување на овие закони ја образложи министерот за правда Тупанчевски. На дневен ред на оваа седница се и измените и дополнувањата на Законот за вино, прво читање и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

На предлог на пратеничката Рина Ајдари од ДУИ со 92 гласа „за“ беше изгласан Закон за основање на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје да биде на дневен ред на оваа седница, а на предлог на пратеничката Марија Георгивска и одлуката за иемнување на членови на Одборот за доделување на наградата „8 Септември“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *