Евроамбасадорот Жбогар во прва посета на Гостивар

Шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар денес ја имаше првата официјална посета на општина Гостивар и ја искористи да поразговара со градоначалникот Арбен Таравари и да се запознае со проектите што се спроведуваат со пари од ЕУ.

Таравари и Жбогар по состанокот во градоначалничкиот кабинет изјавија дека разговарале за тековните проекти, но и можноста за користење на европските фондови во некој од следните проекти.

Евроамбасадорот бил запознат и со актуелностите во општината.

Жбогар, нагласи дека средбата со градоначаникот била пријателска и корисна.

– Разговаравме за проектите кои претходно се реализирани во општина Гостивар. Дискутиравме и за проекти кои би можеле да се спроведат во иднина, а локалната заедница да има придобвка од нив. ЕУ нуди можности и има фондови кои општина Гостивар може да ги искористи, рече Жбогар.

Неговиот домаќин, градоначалникот Таравари нагласи дека локалната самоуправа е заинтересирна и за проектите во сферата на меѓугранична соработка.

– Амбасадорот не информираше дека наскоро ќе има повици со конкурси за  финасирање на проекти за меѓугранична соработка за кои ние ќе може да конкурираме како општина во соработка со општини од соседството како Република Албанија и Република Косово, изјави Таравари.

Запрашани за акуелностите околу утрешната седница на советот на општина на која треба да се гласа за буџетот на општината и двајцата искажаа оптимизам дека тоа сепак ќе се случи.

Градоначалникот Таравари смета дека неизгласувањето на буџетот најмногу ќе се одрази врз работата на детските градинки и стопирање на плановите за зголемувањето на капацитетите.

– Јас лично очекува дека утре буџетот ќе биде изгласан. Единствените забелешки на ДУИ и СДСМ се во делот на финасирањето на негувателките во градинките. Но тоа е така, бидејќи министерството за труд и социјална политика не ја презема исплатата на платите за нив, рече Таравари

Посетата на општина Гостивар, евроамбасадорот Жбогар ја заокружи со потпишување меморандум за соработка со организацијата „Метаморфозис“ која спроведува проект во Гостивар, а градоначалникот му врачи пофалница за досегашната соработка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *