Ковачевски го честита Денот на Армијата – 18 Август

Гордо и достоинствено го славиме Денот на Армијата – 18 Август. Го одбележуваме 30-годишниот јубилеј на нашата Армија која е столб на безбедноста, одбраната, стабилноста и довербата како рамноправна членка на еден од најмоќните воено-безбедносни сојузи, НАТО, истакна премиерот Димитар Ковачевски во честитката по повод јубилејот на Армијата.

Ковачевски, кој денеска учествуваше на централната свеченост што се реализира во касарната „Илинден“ во Скопје, се заблагодари на сите припадници на Армијата, за огромната заложба, посветеност и придонес сите овие години. Најави продолжување на армиското модернизирање и најповолни услови за воениот и цивилниот персонал.

-Ви благодарам за влогот, за вашиот труд во градењето на стабилна, модерна Армија со високи стандарди, рамноправна со останатите моќни членки на Алијансата, со чии армии учествува во многубројни мисии. Армијата е секогаш на првата линија на помош и поддршка за сите нас, а ние посветено продолжуваме со нејзино модернизирање за сериозна борбена подготвеност, создавајќи најповолни услови за припадниците на воениот и цивилниот персонал. Нека е честит и вековит Денот на Армијата!, наведе премиерот Ковачевски во честитката објавена на „Фејсбук“.

На свечената церемонија во касарната „Илинден“ се одржа и дефиле на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на Армијата и на современи борбени возила со кои располага Армијата меѓу кои и новите оклопни возила со кои се претстави достигнувањето и извежбаноста на припадниците на Армијата.

На централната свеченост беа и претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Собранието, министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор, пензионирани припадници на Армијата и претставници на организации со кои соработува Армијата.

Централната свеченост е една од завршните активности со кои се одбележуваше јубилејот 30 години од формирањето на Армијата меѓу кои беа реализирани: изложба по повод 30 годишниот јубилеј, отворениот настан за граѓаните, трибини, спортски натпревари, хуманитарни акции и прослави во единиците.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *