АЛЕКСАДАР МАКЕДОНСКИ ВО АЛЕКСАНДРИЈА – ПРИСТАНИШТЕТО НА ИДНИНАТА

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

Co сигурност е потврдено дека Александар Македонски го префрли во Александрија пазарот и трговијата од соседниот Каноп. Александрија требаше да биде главен трговски центар, бидејќи ниедно друго место на целиот брег не можеше да се споредува со неа.

Независно од тоа дали самиот Александар или некој од неговите приврзаници го направи изборот за Александрија, тоа сепак беше генијален потег.

Факторот што одлучи за ваквиот избор лежеше во следните причини: островот Фар го заштитува пристаништето од кон морето, додека езерото Марот одназад прави внатрешно пристаниште. Тоа е посебно место на кое Нил не му се заканува со донесување големо количество мил. Морското струење што овде се крева од запад кон исток, цело време е присутно во сите пристаништа на египетскиот и јужниот сириски брег.

Александрија е исклучок, бидејќи лежи западно од најзападната притока. Се верува дека некој од луѓето што тоа научно го испитувале знаел за ова струење. Така, Александар беше првиот кој му подари на Египет пристаниште на иднината, иако историјата на Египет започнала илјадници години пред тоа.

Наукрат дотогаш беше центар на трговијата меѓу Египет и Егејот. Меѓутоа, тој лежеше во внатрешноста на делтата и не беше погоден за трговија како античките трговски градови на морскиот брег. Несомнено Александар Македонски беше нестрплив во спроведувањето на овој план, бидејќи во текот на својот престој во Египет стекна силен впечаток за големата продуктивност на земјата и за огромниот извозен потенцијал.
Неговата намера за окупација на медитеранското крајбрежје на Персиската империја во почетокот имаше исклучиво стратешки карактер, a co основањето на Александрија тој ја покажа и својата намера за преобразување на своите воени цели во економски. Трговските места на Левантот со крајбрежјето и островите беа под негова контрола, но крајната цел кон југ сеʼ уште не беше постигната.

Подоцна, под Птолемеј економската важност на Александрија го достигна својот врв, што не беше и неочекувано, како што ќе се види од последните планови на Александар Македонски за поврзување на Александрија дури и со други важни места во светот. Секако, до основањето на Константинопол, ниеден град немаше толку голема важност во светот како Александрија во Египет.

Новиот град се разви до населбата што постоеше, a тоа беше малото рибарско село Ракот. Плановите за градот со кои се припојуваше Ракот од исток беа нацртани од Динократ од Рол, во шаблонски линии кои беа воведени од Хиподам од Милет уште во петтиот век. Беа изградени две широки улици кои се сечеа една со друга под прав агол, а паралелно со нив беа изградени и други помали улици со куќи од квадратни или правоаголни блокови. Александар Македонски многу се интересираше за изградбата на градот.

Повторно беше опфатен од старата „носталгија” и лично укажа каде да бидат пазарите и храмовите и одлучи по кои богови треба да се наречат храмовите во градот. Во согласност со неговата толерантна политика, а и како милостив фараон, Александар и на Египќаните од Ракот им подари египетски храм посветен на Ис, како и на Осир и Хор. Новиот град како и обично беше опколен со ѕидови.

Ова е опишано во еден хиероглифски документ од 311 година на кој пишува: „Тврдината на кралот на Горен и Долен Египет, саканиот од Амон, а избран од Ра, син на Ра, Александар Македонски, на брегот на големото море на Јонците, Ракот беше неговото поранешно име”.

Може да се замисли колку антички архитекти, занаетчии и уметници привлече Египет со можностите што ги пружаше изградбата на Александрија. Ова го објаснува очевидното влијание на античката уметност врз Египет во текот на животот на Александар Македонски.

Текот на историјата направи Александрија да добива се повеќе меѓународен карактер. На почетокот, покрај Египќаните од селото Ракот од кои многумина не беа Елини, туку Евреи и други странци, беа привлечени од големата корист и од задоволствата на големиот град. Меѓутоа, мора да се признае дека Александар Македонски го оформи градот до Ракот како чист антички полис, со свој конзул и народно собрание.

Додека Александар Македонски сé уште се наоѓаше на брегот, неговиот адмирал Хегелох допатува со многу важна новост, информирајќи го дека флотата повторно ја презеде власта во Егејот и дека по уништувањето на персиската флота, островите Тенедос, Лезбос, Киос и Кос повторно се освоени. Сега тој донесе решение од кое може да се види неговиот однос спрема Коринтската лига.

Околу една година пред тоа, во документот што е зачуван според договорите кои беа во сила, со оглед на победата над Хиос, фатените предавници треба да бидат донесени пред Федералниот совет како редовен суд на Лигата, како што порано Федералниот суд ги извршуваше казните над Тебанците.

Наспроти тоа, кога Хегелог ги донесе фатените предавници од Хиос, Александар Македонски не ги испрати пред Федералниот совет, туку според казната што тој сам ја изрече, тие беа пренесени во Елефантин, најјужниот град на Египет над Првиот катаракт.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *