Театар Комедија со „Дони Дарк“ гостуваше во белградскиот театар Битеф

Театар Комедија со преставата „Дони Дарк“ на режисерот Роберт Ристов синоќа гостуваше во Театар Битеф во Белград. Покрај бројната белградска публика, на изведбата присуствуваше и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

Според него, „Дони Дарк“, која раскажува за социјално интегрирање на млад слеп човек во општеството, е одлична претстава која, како што рече, откако ќе ја гледате ве тера на размислување.

Лазовски најави дека денеска ќе има средба со министерот за култура и информирање на Србија Владан Вукосављевиќ. – Ќе раазговараме за поблиска културна соработка која меѓу Македонија и Србија е на одлично ниво, изјави Лазовски.

Режисерот  Ристов првпат се преставува пред белградската публика. – Ова е претстава со специфична тематика, за социјално интегрирање на еден млад слеп човек во општеството, притоа доловувајќи ги различнитите емотивни фази низ кои тој поминува, како и останатите ликови на сцената. Ова е место каде што се одржува и најголемиот театарски фестивал на бившите југословенски простори и поради тоа ова е добар репер да се почне со едно убаво гостување во еден голем и убав театар, изјави Ристов.

Во актерската екипа на „Дони Дарк“ се Даријан Петров, Мирјана Поповска-Ристов, Магдалена Ризова Черних и Сашо Ристовски. Костимографијата на преставата е на Елена Лука, музиката на Гаро Тавитјан, а во претставата учествуваше и челистот Дејан Цветковски.