Економија, енергетика, инвестиции, демократија, одбрана – дел од областите опфатени со Стратешкиот дијалог со САД

Економијата, енергетиката, инвестициите, јакнењето на демократските институции, одбраната и безбедноста, културата и други сфери се опфатени со Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.

Делегацијата на Северна Македонија, ја предводи министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој од работната посета на Токио замина за Вашингтон, а во неа учествуваат министрите за економија Крешник Бектеши, за одбрана Славјанка Петровска, и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Официјален домаќин од американска страна ќе биде помошникот секретар, Карен Донфрид, која неодамна ја посети Северна Македонија.

Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз во вчерашното гостување на Алсат, говорејќи за Стратешкиот дијалог претстави дел од темите коишто се очекува да се најдат на агендата на состанокот.

-Агендата е сѐ уште во подготовка, но идејата е да се опфатат повеќе теми од економски просперитет, јакнење на демократските институции, одбраната и безбедноста, како и донесување експерти кои би разговарале за приоритетите на секоја страна. Министерот за надворешни, Османи, ќе ја предводи делегацијата од Северна Македонија, листата за останатите претставници сѐ уште се финализира. Од наша страна, помошникот секретар, Карен Донфрид, која неодамна ја посети Северна Македонија, ќе биде официјален домаќин, но ќе има можности за средби и со други официјални лица, истакна Брнз.

Американската амбасадорка оцени дека стратешкиот дијалог е добра можност за континуирана соработка помеѓу двете земји и е одличен патоказ за продолжување на партнерството помеѓу САД и Северна Македонија.

-Намерата за Стратешкиот дијалог е да се разгледаат областите коишто сѐ уште ги немаме потполно истражено. Сѐ уште има простор да се работи на прашања од областа на одбраната и безбедноста, но и на многу други области како економија, енергетика, климатски промени, работа со младите, културна размена, едукација…мислам дека Стратешкиот дијалог нуди интересни можности за во иднина и испраќа сигнал дека САД сакаат уште повеќе да вложат во него. Тоа може да е добар патоказ двете земји да продолжат да го градат своето партнерство, изјави амбасадорката Брнз, одговарајќи на новинарско прашање каква порака би и испратила на својата наследничка во Скопје.

Од кабинетот на Османи вчера соопштија дека од Токио патува за Вашингтон, каде ќе ја предводи владината делегација на претстојниот Стратешки дијалог и напоменаа дека Северна Македонија е прва држава од Западен Балкан што отпочнува ваков значаен процес со САД.

Во рамки на посетата на Вашингтон, Османи, како што е најавено, ќе оствари и повеќе билатерални средби со високи државни преставници на САД, како и истакнати личности од граѓанскиот сектор и тинк – тенк организации.

Министерството за економија, пак, нагласи дека како дел од разговорите на Стратешкиот дијалог, значајно место, меѓу другото, ќе имаат и темите од областа на енергетиката, економска соработка, трговија и инвестиции.

Во рамки на посетата, Бектеши ќе оствари и работна средба со Ендру Лајт, помошник секретар за енергетика за меѓународни прашања во Секретаријатот за енергетика на САД и ќе учествува на состаноци со претставници на Американскo-централно европско бизни- здружение (АЦЕВА) и со претставници на Националниот демкоратски институт и Националниот републикнски институт.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која од вчера ја почна работната посета на САД, во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана, задолжен за политички прашања Колин Кал, а ќе има средби и со помошничката на секретарот за одбрана Селесте Валандер, командантот на Националната гарда на САД, генералот Даниел Хокансон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и секретарот на Копнената војска на САД, Кристин Вормунт.

Како што информира Министерството за одбрана, за време на работната посета на САД, министерката Петровска ќе има средба и со помошничката на државниот секретар и шеф на Бирото за воено-политички работи, Џесика Луис, во Стејт Департментот.

– Преку одржувањето на Стратешкиот дијалог, Северна Македонија и САД влегуваат во нова фаза во изградба на меѓусебните релации, што е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани. Воедно, тоа е и израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, нагласи Петровска.

Костадиновска-Стојчевска, пак, како што соопшти вчера Министерството за култура, во рамките на престојот, ќе ги посети Националниот демократски институт (НДИ) и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а е предвидено еден сегмент од дискусиите да биде посветен на практика што е потребна во нашата држава за да се спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти.

– Во делот за културата, за Стратешкиот дијалог со САД е од особено значење размената на искуства за културното наследство, особено во делот на нелегална трговија со артефакти, така што на средбата со Здружението тука ќе се потпише договор за соработка, што потоа треба да резултира со правни решенија, како и за евентуална размена на кадар за успешно спроведување во целост, порача Костадиновска-Стојчевска од САД.

Таа истакна дека според проценките, над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија.

Стратешкиот дијалог не е замена за ЕУ

По бугарското вето и неизвесноста околку можноста за отпочнување преговори во јуни, се отвори прашањето дали Стратешкиот дијалог со САД е своевидна замена за ЕУ. Амбасадорката Брнз неодамна во Скопје изјави дека Северна Македонија ја одработила својата задача во однос на зачленувањето во ЕУ и додаде дека смета оти процесот треба да продолжи што е можно поскоро.

Таа на почетокот на мај на отворениот ден за приказ на воздухоплови кој е дел од вежбата „Swift Response 22“ на спортскиот аеродром „Стенковец“ изрази надеж дека Северна Македонија во јуни ќе добие датум за почеток на преговори.

Појасни дека најавениот Стратешки дијалог со САД е процес, кој е почнат уште поодамна и не претставува никаква замена за членството во Унијата. Таа посочи дека зајакнувањето на соработката меѓу двете земји сега се одвива и во насока на тоа што Северна Македонија е полноправна членка на НАТО.

-Кажавме дека по зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, нашиот однос ќе се промени, затоа што станавме сојузници, седиме на иста маса, имам еден заеднички глас и се разбира нашата соработка еволуираше во таа насока, рече Брнз.

Премиерот Димитар Ковачевски на истиот настан нагласи дека Стратешкиот дијалог се подготвува повеќе месеци наназад, практично со доаѓањето на новата Влада, како и дека МНР работело заедно со колегите од САД на конципирање на формата на одвивањето на стратешкиот дијалог.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *