ЕВРЕИТЕ – ЕДНА ОД НАЈСТАРИТЕ ЦИВИЛИЗАЦИИ

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Да се посети Светата земја значи да се доживее нешто што останува трајно во сеќавањата на посетителот, нешто недоживеано библиско, свето и човечко; нешто ново и карактеристично само за Израел, за еврејскиот народ и за арапскиот свет, а нај­повеќе за христијаните. Тоа го потврдивме при нашата посета на оваа по многу нешта единствена и карактеристична земја, каде се доживува едно неопишано чувство на чуд­на мешавина на старото и на новото, на историјата и, на Библијата…

Таму се чувствува ду­хот на историјата; таму човек се запознава со библиските преданија, со сé она што е по­врзано со трите вери на човекот: јудејската, христијанската и муслиманската. Тоа е зем­јата каде се обединија еврејските племиња – Израелците и Јудејците во едно цар­ст­во на чело со водачот на Јудејците царот Давид.

Тој успеал да ги разбие Филистејци­те, а Еруса­лим – Светиот град да го прогласи за престолнина на државата. Во Ерусалим, царот Со­ло­мон, синот и наследникот на Давид, го изградил прочуениот Храм посветен на евреј­ски­от Бог Јехова, од кој денес е останат само Ѕидот на плачот, симболот на се­кој­дневна­та средба на Евреите од целиот свет со својата судбина.

Ерусалим е местото од каде што сé почнало и каде сé ќе заврши на Судниот ден. Израел за христијаните е Света земја и местото каде се родил Исус Христос – Синот божји, кој дошол меѓу луѓе­то, ги подучувал да се здобијат со добродетелство, да му служат на доброто, а да го из­бегну­ва­ат злото.

Ерусалим е местото каде Исус Христос бил осуден на смрт со распну­ва­ње на крст, за потоа да воскресне. Таму, во Ерусалим, се наоѓа Куполата на Карпата и џа­мијата Ал – Акса, чие име значи „најдалечниот пат“ зашто муслиманите веруваат де­ка по Мека и Медина, Ерусалим е третиот град по значење во исламот, од каде проро­кот Мухамед го примил Куранот.

Посетата на Израел, а со тоа и на најголем број свети места, беше остварена на покана на министерот за иселеничка апсорпција професор Лили Тамир. Делегацијата на Агенцијата за иселеништво од Република Македонија, предводена од м-р Мартин Треневски и неговата сопруга д-р Василка Попоска -Треневска, а во која се наоѓаше и авторот на овој и на наредните текстови, Славе Катин со сопругата  проф. Нада Николовска-Катин, оствари значај­ни средби и разговори во Министерството, како и со претставници на Агенцијата за исе­­леништво на Израел, „СУХНУТ“, Музејот за дијаспората и Музејот за холокаустот на Евреите „Јад ва’Шем“. Исто така, делегацијата посети бројни свети места, значајни кул­тур­но-историски и други споменици кои оставаат длабоки траги кај посетителот.

А, жел­­бата на секој дојденец, верник, намерник или случајник е повторно да ја посети Ве­­тената земја за да се доживее и поубаво да се почувствува сé она што го остави­ла историјата на човекот. А, таму во Израел, има што да се види, научи, да се доживее, да се прошират видиците, сознанијата, духот и духовното живеење. Таму човек се чув­ст­ву­ва повозвишен и  позначаен како човечко битие.

Таму луѓето зборуваат раз­лич­ни јазици: од еврејски и англиски до руски и шпански, но нивните срца и чувства се едни исти – израелски. Таму се отвораат сите сетила и секој кој ќе дојде во Израел, се труди што повеќе да види, да научи, да почувствува, да запамети како сознание, да го дожи­вее сето она што се случувало со векови пред христијанството и по него, како и во се­гашноста на прагот на третиот милениум..

Според библиските преданија Израел значи човек кој се бори со Бога. Тоа е име што му го дал ангелот на Јаков на потомокот Јаков, непосредно пред состанување­то со брат му Исав на крајот од тешката ноќна борба со непознатото битие. Неговите дванаесет синови се зачетници на дванаесетте израелски племиња; а изразот „синови изреалски“ ги означува сите Евреи. Првиот израелски цар бил Саул. По него дошол да­леку помоќниот Давид, кого го наследил син му Соломон.

По неговата смрт царството се распаѓа на Јужно – Јудеја и Северно – Израел. Израел било поголемото и помоќното царство составено од десет племиња со двојно поголемо население од Јудиното цар­ст­во и имало три пати повеќе земја и обработлива почва.

Земјата се збогатила преку тр­говија зашто низ неа минувале значајни трговски патишта. Таквата состојба траела око­лу 200 години, сé до освојувањето на Асирците во 721 година пред Исус Христос, кога племињата биле раселени низ Сирија и Северното царство. Ова Израелско Царст­во никогаш повеќе не се обновило под истото име сé до 1948 година, кога се појавила втората, денешната држава Израел.

Израел, или на еврејски Medinat Israel, е еврејска држава во Палестина, во Ветената земја на Евреите, во која дошле по ропството во Египет и долгото лутање по пустината. Името, пак, Палестина, на еврејски Erez Israel (потекнува  од Филистејци­те) најголемите непријатели на Евреите, го добила од Римјаните. Сите настани во Све­то­то Писмо (Библијата) се случувале токму во Палестина, која секогаш е третирана како род­на земја на Евреите.

Зборот Евреи, на еврејски Ivrim има неколку значења. Едно од значењата е: дој­ден­ци, оние кои дошле од друга земја, име со кое другите народи ги нарекуваат Изра­ел­ците. Аврам се нарекувал Евреин, а Мојсеј добил запо­вед на фараонот да му преда­де порака од „еврејскиот Бог“.

Во Новиот завет, во Делата апостолски со името Евреи се нарекувале палестинските христијани, кои зборувале ев­рејски или арамејски. Не постои „еврејски“ или „еврејски јазик“ како ознака на древ­ниот јазик на Евреите во Стариот завет. Древниот еврејски јазик се нарекувал кана­ан­ски или јудејски јазик.

Из­разот „еврејски јазик“ што се среќава во Новиот завет се од­несува на арамејскиот ја­зик. Тој јазик во последните векови пред појавата на Исус Хрис­тос, го истиснал евреј­ски­от во богослужењето. Другото значење за името Евреи, ја означува семитската гру­па племиња кои дошле во Арабија и се населиле во Канаан.

Тие живееле како од­воени групи околу 1.000 години пред Христа кога опасноста од Филистејците ги при­нудила да се здружат под заедничкиот цар Саул. За време на владеењето на Давид и Со­ломон, Евреите доживеале најголем напредок, но по смртта на Соломон се подели­ле во две независни царства.

Продолжува

1slav kat Пишува: СЛАВЕ КАТИН

SHARE