ОД ИСТОРИСКАТА КРЕСНА ДО МЕЛНИК – ГРАДОТ МУЗЕЛ

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА

Над Кресна се издига Пирин Планина, природната убаве која е чудна и волшебна, а во исто време е неизмерно питома и безгранично дива. Таа е опевана интернационално од девојки и од невести, од поети и од комити. Додека се спуштаме кон водите на реката Струма, со мислите се вративме во минатото. Се потсетивме на страниците од времето на македонската револуција, од времето кога Пирин Планина во своите зелени пазуви ги прибираше и чуваше четите на комитите од Банско, Белица, Разлог, Неврокоп, Мелник, Петрич…

А реката Струма е се` така бучна и пенлива. Удира во карпите и рие низ коритото, пробивајќи се низ Кресненската Клисура. Лево и десно, суви назабени ридишта. Погледот се впива во уште едно обележје. Наидуваме на споменикот на загинатите борци во Кресненско-разлошкото востание во 1878 година. А горе се извишуваат врвовите на Пирин Планина и легендарниот Елтепе, опеан, овенчан и овековечен во песните на Никола Вапцаров и на други знајни и незнајни поети и патеписци.

Патувањето го продолживме кон Кресна, еден од најмалите градови во Пиринска Македонија. Тука, напладне и попладне човек има чувство дека целокупниот живот се одвива само на една улица, која во должина од неколку километри, слично како во Гевгелија, влегува од северната страна на гратчето, оди паралелно со железничката пруга по реката Струма и се губи на излезот од населбата.

Кресна, чие поранешно име беше Гара Пирин е мала населба во која се згнездиле неколку илјади жители. Населбата е распослана на двете страни на реката Струма, јужно од Кресненската Клисура, од каде се шири плодното Пиринско Поле, додека старото село Кресна се наоѓа во прегратките на Пирин Планина.

Ова мало место е особено познато по големото и значајно Кресненско востание од 1878 година, кога македонскиот народ се кренал на вооружена борба за слобода и човечки права и против неправдите што му беа нанесувани под ропството во Отоманската Империја.

Нашето патување го продолживме кон градот Сандански (поранешен Свети Врач). На половина пат за Сандански е сместено селото Струмјани, низ кое минува главниот пат, а е распослано на двете страни на реката Струма. Тоа е едно од поголемите села во Пиринска Македонија. Во него живеат околу три илјади жители. Името го добило од славјанското племе Струмјани, кое, главно, живеело по течението на реката Струма и околните места.

На патот, пак, кон градот Сандански – пирински убавец, како што често го нарекуваат, од далечините ги гледавме станбените згради лоцирани на една височинка, чиј број се зголемуваше со самото приближување. Влеговме во Сандански, чија популација брои околу триесет илјади жители и се движиме по живописниот булевар во чија средина има зимзелени дрвја кои ја разубавуваат глетката и градот го прават пријатно катче за посетителите.

Тука го видовме споменикот на Спартак. Како што не` информира еден нашинец, со кого се сретнавме во центарот на градот, според еден германски научник долината на реката Струма меѓу Пирин и Малешевските Планини е место од каде што потекнува овој водич на робовите, за кого се напишани многу легенди.

Во еден од рестораните лоциран на плоштадот минавме неколку пријатни часови. Таму имаше еден стар чинар кој не потсети како на оној во Охрид. Градот е доста чист, а се градат и многу нови куќи. Големо богатство за Сандански се минералните извори кои течат од памтивека. Нив ги има повеќе: едни во Градскиот парк, а други на десниот брег на реката Санданска Бистрица, чија температура достигнува и над 80°C, а има и лековита кал. Градот Сандански со околината е едно од најтоплите и најсончевите места во Пиринска Македонија. Овде многу ретко врне снег и речиси никогаш не паѓа магла и, поради поволните климатски услови и природните бањи, тука се лекуваат хронични и бронхијални болести.

Сандански го напуштивме во попладневните часови и се упативме кон селото Лешинца. По дваесетина минути возење стасавме на раскрсницата каде што се свртува кон исток на асфалтниот пат што води кон селата Ново Делчево и Леуново, а натаму се минува низ селата Статово, Џотово и Лозеница, кои како да се нанижани на патот за Мелник.

Брзо стасавме во Мелник, кого често случајните намерници го нарекуваат „град легенда“, „град на виното“, „град на минатото“, а тој, всушност е најмалиот град во Пиринска Македонија и на Балканот, ако не и во Европа. Во него живеат едвај 400-500 жители. Меѓутоа, Мелник пленува со својот необично живописен изглед и архитектонски остварувања. Сместен е меѓу песочните пирамиди на двете страни на Мелничката и Роженската река, претставува град-музеј, бидејќи секоја куќа е музеј за себе, а се зачувани и манастирот „Света Богородица“ и црквата „Свети Никола“, кои зборуваат за богатиот црковен живот на овие простори.

Исто така, Мелник пленува особено со старите куќи кои се ремек дела и ретки примероци во архитектурата. Тие се пространи, на два ката со големи чардаци и еркери, а во чии песочни почви се ископани огромни депоа, во кои се чуваат бочвите со прочуеното мелничко вино. Најкарактеристична, најголема и најубава од сите куќи во Мелник е, секако, куќата на еден голем трговец со вино, сместена на највисоката кота на градот во песочниот брег.

Бевме информирани дека во таа куќа сe` уште постои бочва која собира до 30.000 оки вино и во која, како што ни рече нашиот познајник, во текот на Илинденското востание, по потреба, можело да се скрие целата чета на Јане Сандански. А сезнае дека овој трговец бил најдобриот пријател на пиринскиот војвода.

Останавме во најмалото градче во Пиринска Македонија, па и во Бугарија, Мелник, кој има многу интересно минато. Имено, уште во времето на цар Самуил бил важен воен центар, а подоцна станал привлечно место, бидејќи тука континенталната клима се преточува во планинска, а и во алпска погоре кон Пирин Планина. Во минатото Мелник бил многу значаен трговски центар и град на престиж меѓу трговците каде што се отворале широки перспективи.

Затоа во него, покрај Македонци – Пиринци се доселиле бројни Елини (Грци), Турци, Ерменци, Власи и други, чиj број на крајот од XIX век достигнал до дваесетина илјади.. Во тој период градот доживува голем растеж и напредок на трговско поле. Така, каравани од коњи и камили натоварени со буриња и мешини мелничко вино секојдневно заминувале на сите страни на светот. Некои од карваните оделе на југ до Египет, на запад до Париз и Мадрид, а на север до Будим и Пешта.

При враќањето трговците донесувале многу производи од богатите европски пазари, како и пренесувале и најновата мода во облекувањето. Затоа, често се вели дека Мелник е огледало на едно убаво минато, на големи богатства и раскош. Ваквиот живот бил особено изразен преку богатите куќи, ремек дела на дебарските мајстори, кои големо внимание посветиле на надворешноста и фасадниот изглед, во чии визби со иста температура се чувале големи количества вино.

Продолжува 

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *