Заев: Со Законот за јазиците не губи никој, да ги отфрлиме политиките на поделби

Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години. Никој не е, и не може да биде над Уставот. Истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“, смета премиерот Зоран Заев.

Заев во денешното соопшетние до медиумите повикува на отфрлање на политиките на поделби, раздор и конфликт и да се заокружат реформите.

– Оваа наша и европска вредност ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори. Таа вредност, Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина. Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници, истакнува Заев.

Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, оценува премиерот, само се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите, а непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка.

– Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието. Наместо тоа, време е сите ние, политичарите, да ја преземеме одговорноста што им ја ветивме на граѓаните и да ги заокружиме реформските процеси во Република Македонија. Време е за реформи и за економија, време е за развој на Македонија, во интерес на сите граѓани, подвлекува претседателот на Владата Зоран Заев во врска со вчера донесениот Закон за употреба на јазиците.