ФРАНЦИЈА И СВЕТОТ СЕ ГОРДЕАТ СО ДЕЛОТО НА МАКЕДОНСКИОТ ОНКОЛОГ Д-Р АНАСТАС КОЦАРЕВ

Во француската престолнина одбележана 91-годишнина од смртта на познатиот македонски онколог

Известува: Георги Гоце ДУРТАНОСКИ

 

Градоначалнико на општина Бонди и член на Парискиот регионален совет г. Стефен ЕРВЕ во придружба од советникот за култура и одбележување настани г. Отман АСАДИ и претседателот на здруженето „Заборавени Македонци„ од Париз, г. Златко НИКОЛОВСКИ полагаат венец на гробот на д-р Анастас Коцарев.

Фото: Дарко КИТАНОСКИ

 

 

Во организација на здружението „Заборавени Македонци„ и со присуство на високи претставници на градската власт од општината Бонди во Париз и претставници на семејството Пинел на 27. март (недела) беше одржана комеморација и одбележана 91 година од смртта на македонскиот научник и општественик, д-р Анастас Коцарев.

Панихида за познатиот македонски доктор од Охрид отслужи отец Даниел Стојчевски, свештеник во МПЦО „Св.Кирил и Методиј„ од Париз, а присутните оддадоа почит и на вереницата на д-р Коцарев – Сесил Пинел и положија венец на нивната заедничка гробница.

На комеморацијата присуствуваше и госпоѓа Женевјев Бруне, ќерка на Сесил Пинел како единствен потомок и претставник на семејството кое дало несомнено најголем придонес д-р Анастас Коцарев да биде погребан во нивната семејна гробница и со тоа гробот да биде сочуван до ден-денес.

Претседателот на здружението „Заборавени Македонци„ г. Златко Николовски во своето излагање приказната за д-р Анастас Коцарев и Сесил Пинел ја спореди со „достигнувањата на нивните современици и соработници Пјер и Марија Кири и четиригодишниот период од нивната врска бил полн со надежи за нивната иднина. По волја на судбината смртта ги разделила и таа повторно ги споила овие двајца главни ликови на денешното чествување кои почиваат овде, во иста гробница„ – рече Златко Николовски.

Делегацијата од француска страна ја сочинуваа: градоначалникот на општина Бонди и член на Парискиот регионален совет г. Стефен Ерве кој беше придружуван од советникот за култура и одбележување настани г. Отман Асади и госпоѓа Ани Гито, менаџер за политички односи во општината.

Градоначалникот г. Стефен Ерве зборуваше за важноста на д-р Коцарев и неговиот придонес во областа на медицината не само во Франција туку воопшто за човештвото.

„Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување го спојува на тесна соработка со Марија Кири-Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Д-р Анастас Коцарев бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак). Таа човечка величина и тој научен придонес почива овде, во нашата општина„ – подвлече градоначалникот на Бонди, г. Стефен Ерве, поставувајќи го делото на д-р Коцарев на највисок пиедестал во општината Бонди.

Поздравна епистола кон настанот упати и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите г.Љупчо Коцарев, кој исто така потекнува од познатото охридско семејство – Коцареви. Во посланието претседателот на МАНУ г. Љупчо Коцарев делото на д-р Анастас Коцарев го одреди како „безвременско и бесмртно„, цитирајќи го големиот римски поет Хорациј, кој мислејќи за своето дело, вели дека по неговата смрт „Нема целосно да умрам“ (Non omnis moriar). Академик Љупчо Коцарев додаде дека „денес е време кога треба да се зборува, да се биде гласен и да се поддржи истата онаа обединувачка моќ на Анастас Коцарев кој своевремено ги обединил сите македонски друштва во Швајцарија и пошироко за општествен и духовен мир и опстој на Македонците„.

Д-р Соња Коцарева-Трпезановска, како внука и претставник на семејството Коцареви од Охрид упати јавна благодарност и длабок поклон кон семејството Пинел, до ќерката на неговата вереница Сесил – Женевјев како и до градоначалникот на општина Бонди – Стефен Ерве, до здружението „Заборавени Македонци„ и до сите протагонисти, знајни и незнајни, кои на било кој начин помогнале вечното почивалиште на д-р Анастас Коцарев и споменот за него да биде зачувано до ден-денес.

Беше прочитана и предадена јавна благодарност на госпоѓа Женевјев Бруне за хуманиот чин на нивното семејство кое заедно со неколку уникатни подароци од Македонија ги испрати д-р Соња Коцарева-Трпезановска, внука на д-р Анастас Коцарев. Најемотивниот подарок за госпоѓа Бруне беше уникатниот ѓердан со охридски бисер кој не бил „суден„ да го носи нејзината мајка, но затоа денес, еден век подоцна го краси нејзиното деколте„.

Јавната благодарност гласи:

„Од име на македонскиот народ и семејството Коцареви од Охрид,

претставени преку македонската заедница во Франција

и здружението „Заборавени Македонци„  изразуваме срдечна

и вечна благодарност до семејството на Сесил Пинел  и нивните потомци

за исклучителниот придонес даден во зачувување на ликот и делото

на светски познатиот научник- онколог од Македонија д-р Анастас Коцарев.

Никогаш нема да ги заборавиме хуманиот чин и одлука

преземени непосредно по смртта на нашиот

драг доктор Коцарев од семејството на госпоѓа Сесил Пинел

и овде Ви го претставуваме, госпоѓо Женевјев Брине,

нашето внимание со најискрена почит.„

Охрид-Париз

27.03.2022

Госпоѓа Женевјев Бруне се заблагодари за укажаната чест упатена кон нејзините претци и го прима овој гест со голема почит заокружувајќи го мозаикот на настаните и животниот пат на нејзината мајка од почетокот на 20 век, кои за неа не биле доволно познати.

Ви благодарам за покренатата иницијатива, истражување и негување на спомените за едно време кое ме внесе во оваа приказна сосема случајно, по наследна судбина, како ќерка на Сесил Пинел„ – истакна госпоѓа Женевјев Бруне.

БИОГРАФИЈА НА Д-Р КОЦАРЕВ

Анастас Коцарев (француска транслитерација: Anastas Kotzareff) е роден во Охрид, на 26. март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница, Французинката Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно, под неразјаснети околности починал на 28. март 1931 година.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум.

Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Марија Кири – Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).

Според исказите на голем број негови колеги-современици од тој период д-р Анастас Коцарев своевремено бил најблиску до Нобеловата награда за медицина. Неговата ненадејна смрт во Париз ги попречила сите негови истражувања и успеси.

Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко „Друштво на Македонците за независна Македонија„, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата. Главниот одбор и д-р Коцарев продолжиле да испраќаат телеграми и петиции барајќи праведно решавање на македонското прашање.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *