ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА ПРАТЕНИКОТ ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ ВО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА ПРАТЕНИКОТ ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ ВО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ (12)

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАЛА ПРЕСПА

Стерјовски проценува дека во Албанија живеат повеќе од 120 илјади етнички Македонци. Најголема концентрација има во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, но Македонците ги има речиси на целата територија на државата. Всушност, тоа раселување е стратешки обмислено од властите и државата со цел да се раситни и да се разедини македонското етничко ткиво и само по себе да се интегрира и да се асимилира во албанското милје.

За сите прашања и проблеми на Македонците во Албанија, Васил Стерјовски е сериозно заинтересиран. Затоа, не случајно бил избран на следните функции: претседател на Студентското друштво на Македонците од соседните земји од 2002 до 2007 година; генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција од 2013 година; член на албанската група за човекови права од 2012 година; член на Унијата на албански новинари од 2012 година и други.

Треба да се одбележи дека Стерјовски е основач, а бил и претседател на Унијата на млади сили на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, од 2007 до 2013 година; тој е еден од основачите и на македонските друштва во Албанија, „Илинден“ во Тирана во 2009 година, „Сонце“ во Корча во 2011 година и „Мост“ во Голо Брдо во 2012 година, со придонес и во основањето на македонското друштво „Прегор“ во Поградец во 2013 година.

Според Стерјовски, инфраструктурата во пределите каде што живеат Македонците е, речиси, никаква. Условите за живот се тешки. Нема никакви инвестиции, ниту развиток на индустријата и токму од тие причини, Македонците се принудени да ги напуштаат руралните краишта и да мигрираат во потрага по подобри услови за живот. Тој процес е речиси во континуитет, а државата и понатаму упорно не инвестира во пределите каде што живеат Македонци.

Тој вели дека во многу села тие немаат ниту елементарни услови за живот, нема канализација, нема доволно вода, нема амбуланта, нема многу нешта кои се неопходни за живот и тоа е причината што речиси цели села што биле населени со илјадници етнички Македонци, денес се опустошени, а нивните жители се раселени по поголемите албански градови.

Тој го наведува примерот со Требиште во Голо Брдо кое пред триесетина години имало 7.000 македонски жители, и кое во комунизмот било наречено судбини. Тој вели дека за разлика од Гора и Голо Брдо, во Мала Преспа има малку подобри услови. Така, инфраструктурно, со патот кој ги поврзува со Стење и Корча во голема мерка се подобрија условите за живот.

Меѓутоа, тие се надеваат и очекуваат поголема поддршка и од Владата на Република Македонија. Притоа, Стерјовски вели дека Македонците во Албанија имаат добра поддршка од страна на Македонија. Тие имаат можност да студираат на македонските универзитети во Република Македонија, а со тоа повеќе стотини дипломирани стручни кадри кои се враќаат во Албанија се соодветно вработени.

Од друга страна, пак, според Стерјовски тие немаат никаква помош во однос на инвестиции или економска поддршка од Владата на Република Македонија и не само сегашната, туку и од сите претходни влади. Според него, ако имаше барем малку таква екомомска и инвестициска грижа, ќе немаше ниту иселување ниту асимилирање на Македонците во Албанија. Затоа, тој постојано апелира за соработка на македонските со албанските власти, да им се помогне на Македонците во Мала Преспа и во другите краишта во Албанија, со цел тие да имаат подобра и попросперитетна иднина.

Васил Стерјовски е беспоштеден борец за правата на Македонците во Албанија. Тој тоа го прави како основач и главен уредник на весникот „Македониум“, орган на македонското друштво „Сонце“ од Корча, кое е добитник на признание од страна на Унијата на албанските новинари за особен придонес во афирмација на македонската заедница во Албанија во 2013 година; како дописник за весникот „Преспа“; како член на уредувачкиот одбор на албанскиот весник „Корча“ и како администратор на телевизијата „Кристал Плус“ во Корча, која емитува македонска програма.

Тој пројавува голем интерес и на културен план. Така, Стерјовски е организатор на македонските фолклорни фестивали „Преспа 2008“, „Преспа 2010“ и „Сонце 2015“ во Корча. Автор е на видеоматеријалот „Жената чувар на традицијата во Преспа“, кој е награден од страна на Министерството за култура на Албанија, во 2014 година, на манифестацијата „Покажи ја твојата култура“ во Тирана.

Тој е учесник на повеќе меѓународни конференции со реферати за Македонците во Албанија, како и учесник на повеќе тркалезни маси и конференции за правата на малцинствата во Албанија, почнувајќи од 2007 година до денес. Исто така, тој е промотор на учебникот „Научи брзо и лесно македонски“, од д-р Валентина Нестор од Тирана, која се занимава со лингвистика, лексикологија и со научно истражувања на македонскиот јазик.

Според Стерјовски, партијата Македонска алијанса за европска интеграција како единствена македонска партија што ги претставува интересите на македонскиот народ во Албанија го поддржува Прогрес – извештајот за интеграција на Република Албанија во Европската Унија, но изразува длабока вознемиреност и протестира за делот на Извештајот во кој се вели дека во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора постои бугарско малцинство, предложено од бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски.

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција истакнува дека малцинството што живее на овие простори и во цела Албанија е македонско малцинство, официјално признато во Преспа, иако не и во регионот на Голо Брдо и Гора. Инаку, во Албанија живее македонско, грчко, српско, црногорско, влашко, ромско, бошњачко и египќанско малцинство. Напорите за признавање на непостоечко „бугарско малцинство“ во Албанија го сметаат како фалсификат на историјата и на вистината.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

SHARE