Словенечкиот амбасадор во посета на Битола

Амбасадорот на Република Словенија Милан Јазбец вети директна поддршка на општина Битола за начинот на аплицирање на тамошната локална самоуправа за користење на европските фондови.

Искористеноста на ЕУ фондовите од општините може да се зголеми и затоа фокусот на денешната средба со амбасадорот Јазбец беше ставена на проектната поддрша, посочи градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

– Словенија го поминала тој пат и знае како се пристапува и аплицира во ЕУ фондовите. Нивните искуства за нас се важни за да ги согледаме нашите пропусти од минатото, да ги прифатиме нивните сугестии и предлози како и техничката поддршка за користење на ЕУ фондови. Со взаемна соработка, нашиот град ќе може максимално да ги искористи средствата од ЕУ фондовите пред се средства наменети за екологија, потоа развој на туризмот како потенцијал за дополнителни инвестирања, истакна Петровска.

Амбасадорот Јазбец по средбата со Петровска најави конкретни чекори за интезивирање на соработката во функција на што поголема искористеност на средствата од ЕУ фондовите.

– Екологијата како начин на живеење и грижата за заштита на животната средина се важна активност на која треба да се посветиме и соработуваме. Во ЕУ има многу средства кои што може да се искористат и од разговорите со градоначалниците во Македонија заклучивме дека е потребно да формираме еден словенечки тим кој директно ќе им помогне на градоначалниците, рече тој.

Додаде дека со националните власти е постигнат договор процесите и поддршката за општините да се одвива забрзано и без застој и изрази верување дека ќе има соодветна динамика.

– Во наредниот период ќе работиме и со младите луѓе, ќе посетиме основни и средни училишта бидејќи децата сакаат да бидат информирани и да бидат поблиски со дипломатите и јавните функционери, рече меѓудругото амбасадорот Јазбец по посетата на Битола.

На заедничката средба меѓу градоначалничката Петровска и амбасадорот Јазбец беше потврдено дека словенечка фирма ќе дојде на Пелистер за да посочи и помогне во начинот на инсталација на пречистетлна станица на Пелистер, како и дека во почетокот на идниот месец во официјална посета на Република Македонија ќе биде словенечкиот пример Миро Церар.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *