Институциите во Северна Македонија се организираат за собирање помош за Украина

Институциите, претпријатијата, фирмите, стопанските комори и граѓаните од Северна Македонија од неодамна почнаа акција за собирање на хуманитарна помош за луѓето во Украина. До денес, средствата кои Црвениот крст ги собра за помош на Украина достигнаа над 2 милиона 700 илјади денари.

Министерството за надворешни работи и Црвениот Крст вчера на хуманитарен настан за собирање помош за Украина потпишаа Меморандум за соработка за поефикасна координација. На настанот беше посочено дека секоја помош е добредојдена, меѓутоа најприоритетно е да се соберат производи за хигиена, храна, вода, санитетски материјали и прва помош. За граѓаните и компаниите кои сакаат да помогнат, отворен е телефонски број на Црвен крст каде можат да се јават и да донираат 100 денари кои директно ќе бидат пратени во Украина.

Од МНР и Црвениот крст вчера апелираа до граѓаните и компаниите и понатаму да учествуваат во хуманитарните активности кои се во тек.

Во земјава досега се пристигнати 51 граѓанин од Украина и сите се сместени кај пријатели и роднини во Скопје, Гевгелија, Валандово, Прилеп и други места.

Владата на седницата во вторникот ги задолжи Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги продолжат активностите поврзани со утврдување на капацитетите за сместување и да ги подготват сите активности за организирано прифаќање и згрижување на лицата кои ќе пристигнат во земјата како резултат на бегалската криза заради војната во Украина.

Како што информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи списокот со сместувачки капацитети за бегалци од Украина не е довршен бидејќи, како што посочи, постојано се прикажуваат нови капацитети од страна на институциите.

– Тоа што Владата го одобри како список на институции кои МНР ги предложи, а ги собра како информации од неколку институции се од делот на МТСП, тоа се неколку одморалишта со точен број на соби, оспособени за прием на бегалци, од ЦУК беа претставени двата транзитни центра за  поголем број бегалци и одредени други институции, меѓутоа вчера дадовме уште еден повик до институциите да го дадат конечниот список за да можеме да излеземе и со бројката, рече Османи, додавајќи дека е важно да се мобилизираме сите да им помогнеме на луѓето во Украина.

Тој уште еднаш нагласи дека секој кој ќе дојде на нашата граница ќе биде примен и ќе биде згрижен.

На вчерашниот настан, амбасадорката на Украина Наталија Задоружњук се заблагодари на институциите, претпријатијата, фирмите, но и на сите граѓани кои одговорија на нивниот повик.

– Благодарни сме на пријателската Република Северна Македонија за нејзината јасна поддршка на Украина, за одлуката на Владата за воведување санкции, за помош на бегалци, за организирање на хуманитарна помош за Украина. Ние многу го цениме тоа и посебно би сакала да се заблагодарам на организациите кои донираат финансиски средства со кои можеме да ги набавиме потребните средства и да ги пратиме во Украина, рече Задоружњук.

Украинската амбасадорка одговарајќи на прашање истакна оти е јасно дека ќе има повеќе бегалци ако ситуацијата се влошува.

Министерот за здравство Беким Сали, пак, состојбата со евентуален бран на бегалци од Украина засега ја оцени како мирна. Досега, како што рече тој во интервјуто за МИА , единствена здравствена услуга на бегалец од Украина е раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир.

Тој посочи дека неколку болници се означени како „црвени зони“ за евентуален бегалски бран од Украина, односно точки каде што би можеле да пристапуваат евентуално новодојдените мигранти.

Имено, Северна Македонија не очекува зголемен прилив на бегалци од Украина, но и покрај тоа, Владата е подготвена за можен бегалски бран. Шефот на дипломатијата Бујар Османи завчера кажа дека во државава нема поголема динамика на влез на украински државјани како што имало пред војната и оти не очекува голем наплив украински бегалци во земјава, но, како што нагласи, ако тоа се случи не се исклучува можноста и за креирање импровизирани капацитети за згрижување.

Во однос на евакуацијата на наши граѓани од Украина, Османи посочи дека уште осум наши, но и украински државјани бараат да бидат евакуирани, додека пак останатите 20 се изјасниле дека во моментов немаат потреба за тоа.

УНХЦР во вторникот соопшти дека бројот на Украинци кои избегаа во странство речиси три недели по инвазијата на Русија врз Украина изнесува речиси три милиони луѓе.

Околу 2,95 милиони луѓе досега ја напуштиле Украина, покажаа податоците на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР). Таа ги базира своите планови за помош на четири милиони бегалци, но наведе дека бројката најверојатно ќе се зголеми.