Генералот Ѓурчиновски во Форт Левенворт одликуван со највисоко воено признание

На началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој е во посета на Соединетите Американски Држави, му беше врачено највисокото воено признание од страна на реномираната воена образовна институција во Форт Левенворт во Канзас.

Како што информираат од Министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски со ова високо одликување е воведен во „Куќата на славните“. Вакво признание годишно им се доделува на две значајни личности со препознаени достигнувања кои имаат значаен придонес за историјата, наследството и традициите во Армијата, а кои се школувале во оваа висока воена институција.

Генерал Ѓурчиновски истакнал дека овој чин го потврдува значењето на стратегиското партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Потенцирал дека посетувањето на оваа институција има особено значење за многу сегашни, но и понатамошни воени лидери, притоа навраќајќи се на неговото искуство стекнато за време на школувањето во Форт Левенворт.

-Се надевам дека многу идни генерации од целиот свет ќе имаат можност да го продолжат школувањето во оваа реномирана институција, кое ќе им помогне да прераснат во воени лидери, изјавил Ѓурчиновски.

Со воведувањето во „Куќата на славните“, Ѓурчиновски се најде во друштво на Двајт Ајзенхауер, Џорџ Патон, Колин Пауел …..Во „Куќата на славните“ на Форт Левенворт почнувајќи од нејзиното востановување во 1969 година, се наоѓаат почесни членови од САД, како и од други држави.

– Овој чин е од особено значење за Армијата на Република Северна Македонија, бидејќи е прво вакво признание кое го има добиено еден воен претставник од нашата земја, но и прв офицер од Југоисточна Европа, после 50 години, велат од Генералштабот на Армијата.

Генералот Ѓурчиновски како дел од неговото воено образование ја посетуваше Командно-штабната академија во текот на 2001-2002 година.