Целосно ја осудуваме руската инвазија на Украина. Северна Македонија заедно со сојузниците во НАТО дава силна поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нападот од Русија е повреда на меѓународното право и на човековите права во Украина, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната тркалезна маса во кралскиот институт РУСИ (The Royal United Services Institute) во Лондон, Обединетото Кралство, на тема „Современи безбедносни закани и нивното влијание врз Западниот Балкан“.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска истакнала дека листата на безбедносни закани денес е навистина широка со акцент на зголемените кибер и хибридни закани. НАТО – Алијансата, посочила таа, е здружена и работи заеднички да ги пресретне сите безбедносни закани.
– НАТО има јасен одговор на сите безбедносни закани – ние ја зголемуваме нашата подготвеност за одбрана и одвраќање и ги поддржуваме меѓународните напори за стабилност и безбедност на глобално ниво, потенцира Петровска.
Според Петровска, во оваа безбедносна ситуација во Европа, сосема е јасно значењето на членството на Северна Македонија во НАТО.
– Како политичари ние треба да имаме јасна слика што ќе значат чекорите што ги преземаме за иднината на земјата. Денес е јасно колкава е важноста на членството на Северна Македонија во НАТО за безбедноста на граѓаните, и колкаво е значењето на чекорите што Владата ги презеде за да ја реализира оваа стратешка цел, порача Петровска.
Министерката додаде дека дека во оваа насока особено е важно да се забрза процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ бидејќи интеграцијата има сериозен безбедносен елемент.
– Во ваков момент на безбедносни предизвици неопходна е јасна интеграциски перспектива на Западен Балкан во ЕУ и расчистување на патот за Северна Македонија кон преговорите, што ќе биде силен сигнал за безбедноста на регионот, нагласи министерката за одбрана.
Петровска информира дека Северна Македонија, ангажирајќи ги сите потребни институции и Владата во октомври 2021 година донесе Стратегија за градење на отпорност и справување со хибридни закани и дека воспостави блиска соработка со НАТО и Европската Унија на ова поле.
На тркалезната маса учествувале и Џонатан Ејал, меѓународен директор во РУСИ, кој порачал дека светот, а особено Европа, се соочува со безбедносна криза досега невидена во поновата историја на континентот и дека е потребно да надвладее разумот и воените интервенции да се заменат со разговори и искрен дијалог. Тој, како што стои во соопштението од МО, го поздравил ставот на Северна Македонија за осуда на воените дејствија во Украина во линија на сојузниците, како и потребата од забрзувањето на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
Кралскиот институт РУСИ е независна тинк-тенк организација фокусирана на областа на одбраната. Институтот е формиран во 1831 година и речиси два века претставува платформа за дискусија и анализа на светските одбранбено – безбедносни текови.
Excellent content! The way you explained the topic is impressive. For a deeper dive, check out this resource: EXPLORE FURTHER. What do you all think?