ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ДОНАТОРОТ ПЕТАР СТАМАТОВ (6)

ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „ПЕТАР СТАМАТОВ“ НА УКИМ                              

Биографските податоци за донаторот на фондацијата “Петар Стаматов”, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, доблесниот иселеник од Македонија, Петар Стаматов, ги дознавме од документот што тој самиот го напишал на македонски јазик, во септември 1988 година и го испратил до неговиот внук Проф. Методија Трајковски.

Во документот, меѓу другото, се вели дека Петар Стаматов бил роден во 1897 година во револуционерното и живописно село Смилево – Битолско (денес административно припаѓа на општина Демир Хисар). Уште како дете на претшколска возраст, Петар се соочил со тежок и суров живот. Но, најстрашно било во бурните времиња на Македонија кога Османлиите го запалиле Смилево.

Тогаш, неговата мајка (маќеја) Панка ги грабнала двете дечиња; неговата сестричка Христина ја дигнала на раце на левата страна, а него го водела со десната рака. Потоа во голема паника со другите смилевчани, кои панично бегале, успеале да влезат во шумата, оставајќи го селото во пламен.

Петар пишува дека Македонците го слават Илинден еднаш во годината, а тој го славел секој ден. Неговите спомени од бегството од Смилево, преку смилевските ливади и по долот на Сува Река, се’ до влегувањето во шумата оставиле лузни и останале вечни во неговото сеќавање. Сликите што ги видел со своите очи за убиените мажи и жени не исчезнале низ целиот негов живот.

Во тие бурни моменти во Смилево и во цела Македонија, по неколкуте дена престој во шумата, мајка му ги однела во Битола во куќата на дедо му Петре. За жал, веднаш по Илинденското востание неговата мајка се разболела и починала. За Петар и за неговата сестричка Христина, која сакала да ја викаат Ристана, настапиле уште поголеми потреси и жални моменти за изгубената мајка.

Со цел да ги згрижи своите деца, неговиот татко Тасе по подолг период се преженил за Фанка. За жал, лошото не сакало да ги напушти. Имено, и маќеата не живеела долго, се разболела и починала.

1stam1e12Семејството Стаматови     

Петар и Ристана повторно останале сираци, но овој пат и без мајка и без маќеја. Двете дечиња се нашле во рацете на најблиските роднини. Грижата за нив ја презеле сестрите на татко му, тетките Доста (Доља) и Митра. Двете тетки се менувале на една недела да им месат леб. Петар пишува дека се сеќава како се радувал кога ќе дојдела тетка му Доста да меси леб, затоа што таа месела многу повкусен леб од тетка му Митра.

Петар живо се сеќавал за своето детство. Се сеќавал кога почнал да оди на училиште во Битола, но раскажувал и за животот кој продожил да тече  без топлина, без родителска љубов.

Интересно е да се спомене дека Петар во својата биографија пишува дека се сеќавал за моментот кога ја видел кометата во 1910 година, која се појавувала после изминат период од 76 години. По негова оценка кометата била толку голема, што кога била над Солун, нејзината опашка била до Црна Гора (детска фантазија – велел Петар). Тогаш тој си посакал желба повторно да ја види кометата во неговиот живот, и  навистина таа желба му се остварила во 1986 година.

Неговите сеќавања од училиштето во Битола ги опишува многу детално. Учествувал на пречекот на султанот. Сите ученици биле наредени на главната улица на Битола – “Широк Сокак”, облечени во униформи, и кога султанот поминал пред нив, го поздравувале пожелувајќи му здравје и долг живот.

Старите Турчинки го сметале како лош знак настанот кога султанот ја обиколувал земјата. Така и се случило. По неколку седмици завладеала колерата и изумреле многу луѓе.

Петар не пропуштал да каже и за уриетот кога и христијаните имале голема веселба прогласувајќи еднаквост со Османлиите. Ги пречекале комитите во Девејани. Во пречекот на комитите, меѓу народот имало и многу Турци кои се поздравувале и срдечно се бакнувале со комитите. Потоа, за кусо време ги безоружале комитите и тие исчезнале како и уриетот. Тој се сеќавал и за периодот 1912 година, кога почнала Балканската војна, по што Македонија била поделена помеѓу балканските држави и кога состојбата за живеење станала од лоша полоша. Настапила крза и голем број од македонското население почнало да емигрира во соседните балкански држави.

1stam1e13Софија  

Како резултат на тешките години неговото школување било завршено. Затоа почнал да работи како помошник – аргат со мајстори од Смилев­о, кои биле познати како добри ѕидари. Во 1914 година Петара Стаматов, како седумнаесетгодишно момче, со група мајстори одлучил да бара корка леб надвор од Македонија и тргнале за Романија. Кога стигнале во Софија, почнала војната во Европа.

Петар останал со мајсторите две години во Бугарија, во Софија. Потоа групата заминала за Романија, а Петар нашол работа во некој краварник во Горно Лозани, во близина на Софија. Неговата работа била да работи во краварникот и рано наутро да разнесува млеко во Софија.

Според неговото пишување, тоа му била најлошата работа во неговиот живот. Му се расипал стомакот, и како резултат на тоа последиците од гастритисот ги чувствувал цел живот. Во краварникот бил експлоатиран безмилосно.  Физички изнемоштен и исцрпен до крајни граници, почнал да бара друга работа. За среќа, нашол друга работа во некоја пивница. Веднаш бил забележан од посетителите по неговата брза и културна услуга, а се разбира бил забележан и од газдите. Бидејќи бил најмладиот меѓу вработените, тие не го викале на име, туку го викале “детето”. Затоа често муштериите на бираријата велела дека ќе одат кај детето.

При крајот на 1920 година, Петар Стаматов донел одлука да ја напушти Бугарија и да замине за Соединетите Американски Држави со цел да бара подобар живот. Среќата му се насмевнала. Кога ги поднесол документите заедно со пасошот да барам виза, за среќа некоја чиновничка му дала виза за помалку од два часа. Инаку, вообичаено се чекало од 6 до 7 дена. Со визата за САД му се отвориле видиците и можноста да ја стаса групата која пред извесен период заминала за Америка. Среќата му се насмевнала и навистина групата ја стасал групата во Загреб, од каде заедно го продолжиле патувањето кон САД.         

Инаку, заминувањето во туѓина и напуштањето на родното огниште во Македонија во тој период, главно било од економски причини. Само во одредени периоди, особено кога во Македонија имало востанија, војни и слично, имало преселби од политички причини. Иселувањето на Македонците во прекуокеанските земји се надоврзувало на печалбарството, кое уште во времето на XIX век зазело широки размери. Таков бил случајот и со голем број смилевци кои по Илинденското востание тргнале да бараат животна егзистенција во туѓина на печалба.

Како последица на Блаканските војни (1912-1913) и Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, Македонија била поделена меѓу трите балкански земји, а подоцна еден дел потпаднал под Албанија. Со ова неправедна поделба, на македонскиот народ му се нанело голема историска неправда. Така, поради лошата економско-политичка состојба, во почетокот во помал број, а подоцна тој број се зголемувал. Македонците почнале да ја напуштаат родната земја и да заминуваат на печалба во САД.

Еден од тие македонски печалбари бил Петар Стаматов. Патот од Загреб кон “ветената земја”, како шт често ја нарекувале Америка, бил тежок и неизвесен. Од Франција за САД тргнале со бродот “Олимпик”. Повеќе од патниците биле од источноевропските држави, особено од балканските земји. По низа перипетии патниците се нашле на огромниот брод чија тежина била околу 40.000 тони. Бродот го напуштил пристаништето и се упатил кон морската шир. Патувањето траело цели 12 дена, по што конечно пристигнале на северноамери- канскиот контитент.

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН