МАЈКЛ РАДИН – БРАНИТЕЛ НА МАКЕДОНЦИТЕ НА ПЕТТИОТ КОНТИНЕНТ

 

Мајкл Радин е,перспективен и угледен граѓанин на мултикултурна Австралија. Има завршено правен факултет и магистрирано на политички науки на Универзитетот во Аделајд. Работи како приватен адвокат во Етничкото здружение на адвокатитите во Аделајд, во кое членуваат истакнати адвокати од десетина етнички заедници. Меѓутоа, Мајкл од сè, највеќе е вљубеник во Македонија, во македонскиот јазик, историја, литература, култура, во богатото минато на македонскиот народ,  што се заедно му ги продлабочува хоризонтите во борбата за афирмација на самобитноста на својот македонски народ.

Тој е еден од најпознатите имиња во македонските колонии во Австралија. Тој е активист, заштитник на македонското самобитие, член на македонското лоби во Австралија, а е признат и во австралиското општество. Мајкл е човекот кој го подигна името македонско на повисоко ниво, со што Македонците од сите делови на етничка Македонија се почитувани во демократското општество на Австралија.

Мајкл Радин е адвокат, но повеќе години е познат општествено-политички и културен работник од главниот град на Јужна Австралија – Аделајд. Тој е Македонец, роден во Австралија, но по потекло од егејскиот дел на Македонија. Татко му Никола е роден во селото Вишени, кое е оддалечено околу 13 километри од Костур.   Во текот на Граѓанската војна во Грција Никола го напуштил родното огниште. Судбината најпрвин  го однесе во Унгарија, а потоа во Австралија. Мајка му Џоис, е родена Австралијка, а по потекло е од селото Долно Котари, Леринско.

Инаку, родното место на Мајкл-Аделајд е град во кој живеат околу милион и триста илјади жители, претставува најважен трговски, индустриски, рударски, политички, административен, културен центар и е метрополана државата Јужна Австралија. Во него, меѓу големиот број етнички групи, има и над десет илјади Македонци од сите делови на Македонија,  како на пример од Костурско, Леринско, Битолско, Прилепско, Воденско, Охридско и  др.

Со Мајкл Радин се сретнавме во Скопје, по неговото враќање од Хелсинки, каде што беше единствен претставник на Македонците од Аделајд на состанокот на делегациите на земјите-членки на КЕБС, кои го подготвуваа завршниот документ што го потпишаа претседателите на држави, односно влади.

Бевме информирани дека првите македонски доселеници во Аделајд и во околните места биле од егејскиот дел на Македонија и пристигнале пред осумдесетина години, а по Втората светска војна и особено по Граѓанската војна во Грција нивниот број рапидно се зголеми. Во Аделајд е изградена МПЦ ,,Св. Наум Охридски-Чудотворец”, која се вбројува меѓу најубавите македонски цркви во Австралија и е дело на целиот македонски народ од Јужна Австралија, кој сплотен, под закрилата на оваа македонска православна црковна општина, од година во година бележи сè позначајни резултати и претставува пример како треба да се чува единството меѓу Македонците.

Мајкл Радин работи како адвокат во „Clark Radin Lawyers“. Таа е реномирана австралиска адвокатска канцеларија во која еден од основачите е токму Мајкл Радин. Во адвокатската канцеларија се вработени неколкумина искусни и професионални адвокати кои сите заедно поседуваат околу стогодишно работно искуство. Секој член на тимот е специјализиран за одреден сегмент од правото. Главните активности и услуги кои ги опслужува канцеларијата се застапништво и посредништво во областа на семејното, кривичното и даночното право, потоа човековите права и водење на цивилни, комерцијални и многу други парници.

Целта на целиот тим во „Clark Radin Lawyers“ е да го разберат пазарот, бизнисот и личните стратегии на клиентите и да му го понудат најдобриот правен совет.
Во подолгиот разговор што го водевме во „Клубот на пратениците” во Скопје, покрај другото, Мајкл нè информира дека тој е активно ангажиран и учествува во некои од формите за човекови права во светот, бидејќи добро ги познава состојбите на Македонците во соседните држави и е добро упатен во таа проблематика.

Меѓу другото рече: „Имав можност да учествувам на состаноците за човекова димензија на КЕБС од 1990 година до последниот во Хелсинки. Покрај тоа, во 1989 година, заедно со нашите Македонци од Беломорска Македонија, посетивме повеќе европски институции, како што се: Советот на Европа во Стразбург, Комисијата за човекови права при Обединетите нации во Женева, Европската заедница во Брисел, итн. Сметам дека многу напреднавме во настапувањето во Европа, бидејќи веќе се стекнавме со едно стручно познавање на оваа проблематика. Еве, при оваа посета на Хелсинки, покрај другото, се сретнавме со делегации на скандинавските земји, со американскиот амбасадор при КЕБС кој ни овозможи средба со грчкиот  претставник. Нашата делегација имаше долг, исцрпен разговор со грчкиот претставник, при што беа отворени сите прашања за заштита на човекови-те права на Македонците во Грција. Исто така, се сретнавме и со повеќе од триесет делегаци и секаде наидовме на разбирање, а тоа зборува дека македонскиот проблем е достојно претставен пред европската и светската јавност со цел да се фрли светлина на ова прашање”, не‘ информира Мајкл.

Кога се зборува и пишува за Мајкл Радин, треба да се каже дека тој бил главен и одговорен уредник на списанието „Искра” од Аделајд, кое го издаваше Македонската православна општина „Св. Наум Охридски”. Тоа беше едно од позначајните македонски гласила во Австралија и воопшто меѓу иселеништвото. Се печатеше на литературен македонски и на аиглиски јазик и претставуваше вистински светилник и афирматор на македонската историја и култура. Тоа беше резултат на новоформираното значајно Македонско културно друштво „Искра”, конституирано  во ноември 1982 година. Списанието „Искра’ излезе во почетокот на 1983 година, како гласило на Друштвото и на Македонската правоелавна оиштина за Аделајд и Јужна Австралија „Свети Наум Охридски“.

Името на списанието ја симболизира вековната борба на македонскиот народ и неговата незгасната и постојана верба во едно посветло и посреќно утре, за целосна национална, црковна и социјална слобода. Уште од првиот број, списанието „Искра” привлекуваше со својата содржина и техничка опременост. Првиот број, како што е спомнато во воведот на англиски јазик, е посветен на 80-годишнината од Гоце Делчев, големиот македонски револуционер и симбол на етничките Македонци.

Списанието го уредуваа македонски иселеници, млади ентузијасти, вљубеници во македонската историја, култура, традиции и јазик. Главен и одговорен уредник беше Мајкл Радин. Тој има завршено правен факултет и постдипломски студии за политички науки на Универзитетот во Аделајд, а потоа докторира на тема за Илинден. Заменик главен и одговорен уредник беше Бранко Ѓорѓиевски, додека графичкото обликување и циркулацијата на списанието „Искра“ ги вршеше Александар Глуфцис, а уредник беше Стефан Костов.
Исто така, Мајкл Радин беше уредник на билтенот „Монографија”, кој беше  орган на Македонската православна црковна општина за Аделајд и Јужна Австралија. Билтенот излезе на 29 мај 1988 година по повод отворањето на Македонскиот културен центар во Аделајд. Во одбор на Билтенот беа Мајкл Радин и Јордан Тасев, а го отпечати Тоде Велјановски, на 8 страници на англиски и македонски јазик, со цел да се запознаат сите читатели.

Во воведот на „Монографија” се вели:„ „Оваа македонска заедница е формирана во 1947 година од околу 60 активни членови речиси сите од Егејска Македонија кои биле собрани во друштвото „Александар Македонски”. Меѓутоа, денес Општината брои неколку илјади и во неа со успех работат: фолклорен ансамбал, спортски клуб, етничко училиште, се печатат бројни публикации, има радио-час на македонски јазик, а се одвиваат и други активности на културно-просветно и духовно поле”.

Посебно заслужува да се истакне активноста на Мајкл во австралиското општество. Имено, тој е првиот Македонец што има висока државна функција во Јужна Австралија. Од јули 1984 година, е назначен за комисионер во Државната комисија за етнички прашања за Јужна Австралија. Тој, воедно, е и прв Македонец назначен на оваа многу значајна функција за македонските доселеници во Јужна Австралија .
Како што нè информира овој Австралијан од македонско потекло, Државната комисија за етнички прашања има за цел да му дава совети и препораки на министерот за етнички прашања, а преку него на Владата на Јужна Австралија. Комисијата ја спроведува политиката на мултикултурата во општеството и државните органи, како и  давал, информативни услуги и се грижел за македонските доселеници..

Во врска со организираноста на Македонците во Австралија и „Илинденската фондација”, Мајкл Радин рече: „Веќе сме организирани во рамките на меѓународното македонско лоби, тоа особено го направивме по посетата на Џон Битов на Австралија. Решивме да земеме учество во рамките на лобито и за таа цел да ја создадеме Илинденската фондација,  за да собереме помош за на целите на меѓународното лоби”, ни рече Мајкл Радин.

Авторот на овие редови пишувал за Мајкл Радин уште кога тој беше на еден од дванаесетте Македонци од прекуокеанските земји кои учествуваа на 19. семинар за македонски јазик, литература и култура, што го организира Универзитетот„Свети Кирил и Методиј” .

Покрај тоа, престојот во Република Македонија тој го искористии за контакти со претставници од општествените организации и други асоцијации, а Матицата на иселениците од Македонија му додели плакета и благодарница за неговиот значаен прилог и придонес во афирмацијата на македонските иселеници од сите делови на Македонија кои живеат  во Австралија.

На неколку средби-другарувања и разговори во Македонија, Мајкл Радин мошне топло зборуваше за помошта што Матицата на иселениците од Македонија ја дава со испраќањето на дневниот печат, списанието „Македонија” и голем број литература, што е неопходна за збогатување на содржината на списанието „Искра”. Тој особено ја истакнуваше помошта на бројни институции и поединци кои му помогнале при подготвувањето на неговата прва книга под наслов „ВМРО и македонското прашање 1893-1934”, која наедно е и негов магистерски труд.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *