ИВАН ТРПОСКИ – ПОЗНАТ И ПРИЗНАТ ПАТРИОТ, ПОЕТ И НОВИНАР

 

Иван Трпоски е роден  на 21 јуни 1942 година во село Волино, Охридско, во Македонија. Toj е познат општественик  и творец во Сиднеј,  кој повеќе децении активно е вклучен во повеќе македонски организации каде несебично работи за доброто на Македонците во метрополата на Нов Јужен Велс и пошироко. Toj е роднокраен автор кој од 1979 година е член на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, како и член во Издавачкиот одбор на списанието „Повод“ и долгогодишен библиотекар и архивар во библиотеката „Григор Прличев“.

Покрај неговата активност во Литературното друштво „Григор Прличев“, Трпоски активно бил вклучен во повеќе македонски организации. Тој е познат новинар и е дописник  на многу весници, списанија и портали во Македонија и Австралија. Со своја поезија и реферати учествувал на многу собири, со кои го поткревал духот на Македонецот да опстои на далечните австралиски простори.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1988 година, и член е на Здружението на новинари на Македонија од 1995 година. Автор е на повеќе книги, иницијатор е за организирање на многу манифестации и активности на Македонците во Австралија.

Во биографијата на Иван Трпоски е запишано дека тој е син на Науме и Љуба Трпоски, а е роден  на 21 јуни 1942 година во село Волино, Охридско, во Македонија. Годините од раната младост ги минал во градежништво, во Кичево и Белград, а меѓувреме бил креатор во културно-забавниот живот на волинци со кои бил иницијатор  за враќање на одземеното селско земјиште.

Инаку, неговото родно Волино е чиста македонска населба која се наоѓа на петнаесетина километри северозападно од Охрид, од западната страна на селото Косел на патот кон Битола, а на источната страна од селото Горенци. Во селото Волино живеат околу четиристотини жители и административно припаѓа на револуционерната Општина Дебарца.

Иван Трпоски во Македонија, во 1967 година, се оженил за Нада Иваноска, а во 1978 година им се родила ќерката Билјана. Неговата иселеничка сага започнува на 26 август 1968 година кога го напушта Волино и Македонија и се доселува во Сиднеј, Австралија, Како и за многумина во почетните години животот во Австралија не му бил лесен. Во  прво време работел во фабрики за стаклени и прехранбени производи, а последните 28 години работи во државната железница,од каде во 2007 година старосно се пензионира.

Според неговите зборови, во Австралија допатувал поради економски причини. Тој се збогувал со сопругата, со Охрид и Македонија и заминал за Сиднеј, во кој веќе живеел неговиот помлад брат Спасе. На почетокот мислел дека ќе спечали пари и ќе се врати назад. Но, не се случило тоа и по двегодишен самечки престој во Австралија ја земал и сопругата Нада.

Иван Трпоски е вљубеник во книгата, во пишаниот збор. Тоа започнало уште од училишните клупи во 1974 година, кога пројавувал интерес за поезија и првите детски песнички ги објавувал во списанието „Македонија“, орган на Матицата на иселениците од Македонија.
Меѓутоа, се чини дека новинарскиот и публицистичкиот живот на Трпоски започнува во 1979 година, кога станал член на Литературното друштво „Григор Прличев“ кое е формирано од група вљубеници на поезијата, на чело со познатиот иселеник Душан Ристевски.

Инаку, списанието „Повод“од Сиднеј било едно од позначајните македонски гласила не само во Австралија туку и во светот кое излегувало подолго време. Тоа е прво македонско списание за литература и култура на петтиот континент и единствено од ваков вид меѓу иселеништвото. Излегувало како орган на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, кое е формирано на 31 март 1978 година.

Иван Трпоски бил активен новинар и член во Редакцискиот одбор на списанието „Повод“ до крајот на неговото објавување. Уште со самото формирање на друштвото, членовите нашле просторија која требало да ја делат со другите заедници, па така почнала размена на книги. Секој вторник навечер членовите на друштвото се собирале и доброволно ги донирале своите книги во библиотеката, во која, временски растел бројот на книгите. Потоа, во соработка со Матицата на иселеници и со Министерството за култура, бројот се искачил на неколку илјади наслови. Така, била формирана самостојната библиотеката на Друштвото, која е прва од таков вид во иселеништво, во која Иван е библиотекар 38 години.

Трпоски е вљубеник во книгата, во пишаниот збор. Во неговото педесетгодишно творештво со поезија е застапен во зборниците: „Видици“ (Сиднеј – 1984), (Скопје – 1988), „Наши патеки“ (Мелбурн – 1986), „Иселенички поетски меридијани“ (Скопје – 1997), „Охридски литературни творци од Прличев до денес“ (Охрид – 1999), „Коти на копнеж и страст“          ( Сиднеј – 2003), како и во антологиите на англиски јазик: „Антологија на македонската поезија“ (Сиднеј – 1997), во Австралиската антологија „Лигаво огледало“ (Бризбен – 1998), и во антологијата на 21. светски поетски конгрес „Отворени граници“ (Сиднеј – 2001) и „Реунион“ (Сиднеј – 2003). Исто така, е застапен и во енциклопедиите на Австралија и Македонија.
Неговиот богат опус на дела ги содржи следните збирки поезија: „Површински корења“ (Сиднеј – 1985), „Големиот брод“ (Скопје – 1988), „Оковано море“ (Сиднеј – 1988), „Преселба на запад“ (Сиднеј – 1990), поемата „Тодорка“ (Скопје – 1995), „Свитило“ (Сиднеј – 1999), „Меѓу две огништа“ (Охрид – 1999), „Немирни ветрови“ (Сиднеј – 2004), „Љубовна имагинација“ (Сиднеј – 2004), „Зад синиот бран“ (Штип – 2008), „Изгрејсонце во мојот сон“(Скопје – 2013) и на англиски (Штип – 2013); на патописите: „По патот на сонцето во Македонија“ (Сиднеј – 2000), и „Македонија моја татковина“ (Сиднеј – 2002). Исто така, тој е автор на книгата „Македонски демонстрации во Австралија“ (Струга – 2004), на биографскиот запис „Спасе Трпоски – живот и дело“ (Струга – 2008) и на „Македонија – не те забораваме“, (Охрид 2016)
Учествувал со своја поезија на манифестацијата „Млада Струга“ во 1979 година и на Струшките вечери на поезијата во 1987 и 1995 година каде настапил со своја поезија на манифестацијата „Мостови“.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година и член е на Друштвото на новинарите од Македонија од 1995 година.

Иван е еден од иницијаторите за организирање на манифестацијата „Денови на македонската култура“ кои се одржаа во 1986, 1988 и 1991 година во Австралија. Членувал  во Одборот за дополнителна настава по македонски јазик во училиштето „11. Октомври“ во Јагуна и во Просветно училишниот одбор за Нов Јужен Велс. Членувал во управата на КУД „Вардар“ од Бенкстеон и учесник е на многу протести каде се демонстрирало за Македонија и за македонството.

Бил иницијатор и претседател на „Охридско-струшката асоцијација“ за Нов Јужен Велс. Иницијатор и претседател на „Волинските вечери“ во Волонгонг, Австралија и соработник е при издавањето на Монографијата за село Волино во 1995 година. Тој е редовен член во Австралиско-македонскиот театар во Сиднеј, Австралиско-македонската служба за добротворни работи во Сиднеј и Емигрантскиот изворен центар во регионот Свети Ѓорѓи.

Наградуван е на многу конкурси за поезија и проза, но најзначајни се: „Иселеничка грамота“ – 1995 година која ја доделува Матицата на иселениците од Македонија, како дел од Струшките вечери на поезијата; награда за поезија од Интернационалната библиотека во Квинсленд во 1998 година; наградата „Македонско сонце“ за литература и култура во Сиднеј во 2004 година и наградата за најдобра поетска збирка песни на поет од дијаспората му додели Советот на Струшките вечери на поезијата во Струга во 2013 година.
За општествена дејност има добиено повеќе награди и признанија меѓу кои и: награда за општествена работа од Кентербери (предградие на Сиднеј) во 2006 година, посебни награди добил од Комисијата за односи во заедницата на Нов Јужен Велс за доброволна работа во 2006 и 2007 година; од Советот за Австралиец на годината во 2008 година; од Општината Охрид  за културни и хуманитарни врски со татковината во 2008 година и од Општината Кентербери за културни остварувања е прогласен за почесен граѓанин за 2010 година.

Исто така тој е добитник на државната награда на Нов Јужен Велс за општествени и хуманитарни работи во 2010 година; државна награда за Сениор на годината за добротворна работа во заедницата во 2011 година; наградата за животно дело за работа во македонската заедница од Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон во 2011 година; награда за животно дело за неговата макотрпна работа во македонската заедница го доби и „Златното сонце“ во 2011 година; награда за животно дело и почесен член за афирмација на македонскиот јазик и култура во Австралија му додели Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј во 2013 година; а е носител на награда за учество во програмата на 40-те Преспански иселенички средби во Љубојно во 2013 година.

Исто така Трпоски ја доби  наградата за хуманитарна помош и афирмација на родното село која му ја додели Месната заедница од Волино, во 2013 година, и награда за соработка со радиопрограма „Скидро“ од Сиднеј во 2015 година.

Делото на Иван Трпоски  „Македонија – не те забораваме“, од 2016 година е последно дело, но не и последно во неговиот творечки опус. Тоа е печатено на цели 270 страници на луксузна хартија и претставува своевидно сведоштво за поминатите години од младоста и животот на илјадници Македонци кои како него стапнале на австралискиот континент и таму започнале нов живот.

Книгата е ода на херојството, на непроспиените ноќи, на тешките физички работи кои секогаш им биле   судбина на Македонците од Стилворк, до рудниците или како што таму ги викаат бушовите. Таа  во себе ја носи сета љубов на поетот, публицистот, вљубеникот во сопствената родна грутка. Како што нагласува во воведот новинарот Фиданка Танаскова, ова дело е и сага и документариум во македонскиот трезор на незаборавот од  големиот Иван Трпоски.

Во книгата се собрани факсимили и оригинални текстови објавувани во многу македонски и австралиски весници и списанија, радио и тв-станици и во последно време преку веб-порталите на интернет. Голем дел од нив се дел од репортажите за прославите на македонските национални и верски празници, за пикниците и хуманитарните балови, за фудбалските клубови и натпревари  за учењето на младите генерации на македонските ора и песни за клетвите на патриотите и желбите на вистинските Македонци од сите страни на Македонија кои молеле и молат македонското име и јазик да не згасне.

Продолжува


Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *