Димитров: Западниот Балкан да покаже дека може да работи заедно, ЕУ да докаже дека ја разбира стратешката важност на проширувањето

За надминување на застојот во процесот на проширување, регионот треба да испрати јасна порака поткрепена со конкретни дела, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на регионалната конференција посветена на европската иднина на регионот „Западен Балкан: Иднината на Европа е наша заедничка агенда“.

Димитров, кој на конференцијата учестува на покана на Владата на Црна Гора, нагласи дека колку повеќе зборуваме во еден глас, толку погласно ќе одекне нашата порака и подалеку ќе се слушне.

– Во главните градови на ЕУ, вестите од една држава од регионот влијаат на перцепциите за целиот Западен Балкан, треба да покажеме дека можеме да работиме заедно и да ги надминеме отворените прашања. ЕУ пак, од своја страна, треба да докаже дека ја разбира стратешката важност на проширувањето со земјите од регионот. Ако зајакнувањето на отпорноста на Унијата е една од точките што ја засегаат иднината на Европа, тогаш токму регионот е виталната точка за остварување на оваа цел. Успехот на европското досие на Северна Македонија е клучно ако сакаме европскиот политички билет да биде добитен, изјави Димитров.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на настанот, што е организиран во соработка со Германската организација за меѓународна соработка (ГИЗ), поздравни обраќања имаа и премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ и претседавачот со Советот на ЕУ, Гашпер Довжан, додека пак во дискусијата учествуваа и вицепремиерката на Косово Доника Гервала, главната преговарачка на Црна Гора Зорка Кордиќ, главниот преговарач на Албанија Зеф Мази и други високи претставници од регионот.