Патот каде се случи автобуската несреќа немал АКТ 16, пожарот како главна причина за жртвите

Извештајот за состојбата на патот каде минатата недела се случи автобуската несреќа во која загинаа 45 македонски државјани, а седуммина беа повредени, потврди дека не се работи за автопат, туку за експресен пат. Патот, како што соопшти бугарската министерка за регионален развој и јавни работи Виолета Комитова, немал АКТ 16 бидејќи не биле завршени постапките за експропријација.

Сепак, според Комитова, не може да се тврди дека дозволената брзина на движење од 120 километри на час, е главната причина за несреќата.

– Овде има еден чуден настан – пожар, кој според мене е главна причина за жртвите, истакна Комитова на вчерашниот брифинг со медиумите, додавајќи дека засега нема објаснување што го предизвикало пожарот.

До датумот на несреќата, завршено е одбележувањето само на централната линија, со задоцнување од околу шест месеци. Означувањето на оваа делница и поставувањето на знаците е доделено на две фирми со ист сопственик. Двете компании требало да ја постават и сигнализацијата. Во 2013 година, тие го поставиле знакот за дозволена брзина од 120 километри на час, а заштитната ограда, кога била поставена во 2007 година, ги исполнувала барањата, но од 2021 година, според Комитова, има нови правила.

Во меѓувреме, во земјава, опозицијата продолжува да бара одговорност од власта. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева вчера побара власта да понесе одговорност, наместо да ги штити фирмите.

– Власта треба да одговори дали е вистина дека автобусот фабрички е наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски таблици, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички? Дали само после неколку месеци во сообраќајната дозвола намената односно носивоста му пораснала на 54 патници односно на повеќе од 10 проценти над фабрички утврденото? Кој имал направено хомологација – атест и го одобрил тоа? Дали поради оваа сомнителна промена автобусот не можел да добие соодветна лиценца за меѓународен транспорт? Јавноста заслужува да го добие одговорот на прашањето колку пати досега МВР пријавила недостатоци преку службени белешки до инспекторатот за автобусите на Беса Транс и зошто инспекторатот не направил вонреден инспекциски надзор на Беса Транс? Согласно законските прописи, согласно член 353-в од Кривичниот законик за несовесно работење во службата треба да се сноси одговорност. Дали директорот Хусеини штити и други фирми превозници? Дали е вистина дека во Гостивар 7 години не се унапредени луѓе кои исполнуваат услови за инспектори, а се држат на ниски позиции само за да нема кој да ги реализира инспекциите во фирмите?, праша Митева.

До крајот на работната недела, според најавите, се очекува во земјава да бидат донесени и телата на загинатите. Како што најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, телата ќе бидат донесени авионски по што преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата.

– По остварениот разговор со бугарскиот обвинител од Софија, надлежен за трагедијата од 23 ноември, Сарафов, сакам да ја информирам јавноста дека е донесена одлука за предавањето  на телата на нашите сограѓани кои ги загубија животите во трагичната несреќа, во четврток 2 декември. Владата на Р. Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Р. Бугарија, додека од меѓународниот аеродром Скопје, преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3 декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови, објави Османи во понеделникот на „Фејсбук“.

Од болницата „Пиргов“ во Софија каде беа хоспитализирани седумтемина повредени, досега се отпуштени петмина, а на лекување остануваат уште двајца. Првично, во Скопје беа транспортирани двајца пациенти кои веќе се пуштени на домашно лекување, а потоа уште тројца пациенти.

Автобуската несреќа се случи ноќта меѓу 22 и 23 ноември кога автобус на „Беса транс“ на враќање од Истанбул се запали на патот „Струма“ во близина на Софија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *