Шекеринска од Вашингтон: Ќе побараме силна поддршка од САД за продолжување на нашиот европски пат

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја почна работната посета на Соединетите Американски Држави, која е прва на претставник на Владата на Северна Македонија  по смената на американската администрација и доаѓањето на новиот американски претседател Бајден.

Како што соопшти Министерството за одбрана,  Шекеринска порача дека посетата ќе ја искористи да ги пренесе  пораките кои се важни за Северна Македонија и уште еднаш да се потврди интензивното, стратешко партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.

– Ова е прва посета на претставник на нашата Влада, Владата на Република  Северна Македонија, на нашиот стратешки партнер, САД, по промената на администрацијата, односно по изборот на новиот американки претседател Бајден и затоа е многу важно што ќе имаме прилика на овие средби кај сите претставници и на Пентагон и на американскиот Стејт Департмент да ги испратиме за нас важните пораки. Првата таква порака е дека како држава покажавме дека и по нашето членство во НАТО ние сме сојузник на кој и НАТО и Соединетите Американски Држави можат да сметаат, рече министерката Шекеринска.

Таа истакна дека соработката која до членството на Северна Македонија во Алијансата имаше една клучна цел – членството во НАТО, денеска влегува во нова фаза, каде двете земји како сојузници во Алијансата разговараат за теми кои се важни за земјите, но и за регионот и за светот.

Министерката порача дека од американските претставници во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација предводена од претседателот Бајден да го задржи фокусот и интересот кон Балканот, како и дека ќе биде побарана и силна поддршка од САД за интензивирање на нашиот европски пат.

– Само целосна Европа, само обединета Европа, само Балкан интегриран во Европа може да гарантира безбедност и сигурност на целиот регион, а тоа е целта и на НАТО и на Европската Унија и на сите нас коишто сме дел од евроатлантското семејство, порача министерката во видеообраќање.