Влада: Заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово ги потврдува интересите за Западен Балкан како регион на траен мир

Премиерот Зоран Заев ја отвори заедничката седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Косово со уште едно добредојде до премиерот Албин Курти кој денеска ја предводи владата од Приштина во работната посета на Скопје, наведува владината прес-служба во соопштение по одржаната седница на владите на двете земји.

Првата заедничка седница на двете влади на Република Северна Македонија и на Република Косово, истакна премиерот Заев, е уште една потврда на одличните пријателски односи, за тесната соработка, за постојаното надградување на заемните интереси и за споделувањето на заеднички определби за Западен Балкан како регион на траен мир и целосно интегриран во ЕУ и НАТО.

– Убеден сум дека од седницата ќе произлезат повеќе проекти кои ќе овозможат поблиска соработка меѓу владите и надлежните министерства и институции, а се во интерес на нашите граѓани. Има уште многу можности пред нас. Нѐ поврзуваат многу заеднички интереси, па така и нашите економии се насочени една кон друга, истакна премиерот Заев во своите воведни зборови на заедничката седница.

Заев нагласи дека на оваа заедничка седница во прв план се ставени договорите и меморандумите за инфраструктурното поврзување на двете земји со цел да ја олесниме и унапредиме економската соработка и комуникација, како и оние кои опфаќаат меѓугранични проекти со поддршка на ИПА-програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и други.

-Нашите две држави не се големи по територија и по тоа сме слични. Но, ние сме слични и во нашите големи амбиции и потенцијали. Република Северна Македонија е подготвена да ги сподели со Република Косово искуствата од нашата интеграција во НАТО на вашиот пат до членство во Алијансата. Заедно чекориме на патот и кон целосна интеграција во ЕУ. Ние очекуваме наскоро да ги отпочнеме преговорите со ЕУ по поглавја, и во иднина ќе можеме уште потесно да соработуваме и на ова поле, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.

Претседателот на Владата на Република Косово, Албин Курти, како што информира владината прес-служба, изрази сочувство до жртвите од несреќата во модуларната болница во Тетово и до сите жртви од пандемијата КОВИД-19.

– Краток поглед низ страниците на историјата, може да се најде на едно место и Скопје и Приштина, и Призрен и Тетово, и дека нашите земји споделуваат многу работи една со друга, бидејќи нашата историја е полна со настани коишто неразделно ја одредија нашата судбина, рече косовскиот премиер Курти.

За него оваа прва седница е израз на волја да се одбележи поинтензивна фаза на меѓусебна соработка, но и израз на благодарност за нашите добрососедски односи.

– Патот на двете наши држави, но и на другите држави во регионот е тој на соработка, вклученост и меѓусебно почитување, каде што не се пазиме едни од други бидејќи знаеме дека нашите судбини и судбините на нашите граѓани се поврзани и нашата иднина е заедничка, рече премиерот Курти.

Првиот вицепремиер во Владата на Северна Македонија Артан Груби ја сподели оценката дека заедничката седница на двете влади е историски настан и се заблагодари за енергијата на сите кои беа вклучени во подготовката на заедничката седница на двете влади.

– Отворена е уште една врата за унапредување на соработката во многу области, истакна вицепремиерот Груби и додаде дека енергијата во организацијата на оваа заедничка седница ќе се пренесе и во имплементацијата на меморандумите и договорите што денеска се потпишуваат.

Косовскиот прв вицепремиер Бесник Бислими се заблагодари за срдечниот пречек и за можноста на заедничката седница да се споделат искуствата на двете земји во процесот за интегрирање во ЕУ. Како што се наведува во соопштението, тој истакна дека почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ ќе биде  успех и за Република Косово затоа што до себе ќе има сосед кој може многу да помогне во аспирациите на Република Косово за членство во Европската Унија.

– Во натамошниот тек на седницата се вклучија и останатите вицепремиери и министри во двете влади кои разговараа за економската соработка, за соработката во борбата против организираниот криминал и корупцијата, во заедничкото справување со природните катастрофи, информира прес-службата на Владата на РСМ.

На заедничката седница беа соопштени и заеднички иницијативи во заштитата на животната средина, за соработка на проекти за рурален развој и во земјоделството, за правна помош во граѓанските постапки, меѓуграничната и за соработката на проекти за поддршка на Северна Македонија и Косово на патот кон членството во ЕУ.

Во завршницата на заедничката седница премиерот Заев изрази уверување дека во наредниот период министрите на двете влади ќе бидат посветени на имплементација на задачите кои произлегуваат од документите што денеска се потпишаа и дека тоа ќе даде импулс и за развој на соработката и во многу други полиња во иднина.

– Нашата блиска соработка само може да ги охрабри другите партнери од регионот и од ЕУ да соработуваат со нас уште повеќе и уште подобро. Ние покажуваме дека сме одговорни влади, за кои на прво место е интересот на граѓанинот за подобар живот, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија на заедничката седница со Владата на Република Косово.

Во церемонијалниот дел на седницата денеска премиерите на двете влади и ресорните министри ги потпишаа меморандумите за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за физибилити студијата за патот Призрен – Тетово и  за рехабилитирање на тампон зоната Блаце помеѓу двете гранични објекти на двете држави.

Беше потпишан Договор за соработка  во областа на дијаспората, Договор за статусот на припадниците на вооружените сили на Република Северна Македонија и Безбедносните сили на Република Косово (СОФА), Протокол  за имплементационен договор за спроведување на Спогодбата помеѓу Владата на Северна Република Македонија и Владата на Република Косово за гранично регулирање на железничкиот сообраќај, Меморандум за соработка во енергетскиот сектор, Договор за соработка во областа на туризмот, Меморандум за соработка во областа на иновациите и технолошкиот развој и претприемништво, Договор за партнерство меѓу Република Косово, претставено од Министерството администрација за локална самоуправа како партнер-лидер и Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за локална самоуправа како партнер за управување со грант договорот за техничка помош 2019/410-322, под програмата ИПА Косово – Северна Македонија 2014/2020.
Потпишан е и Меморандум за соработка меѓу Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија и Министерството за регионален развој на Република Косово, и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и рурален развој на Република Косово.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *