Димитров – Кофод: Европската перспектива на Северна Македонија доследно да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ

Европската перспектива на Северна Македонија мора доследно да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ, со оглед на постигнатите резултати во спроведувањето на европската агенда, порача министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Јепе Кофод на денешната средба со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Кофод кој е во официјалната посета на Северна Македонија, ја реафирмираше поддршката за официјално почнување на процесот со одржување на првата меѓувладина конференција. Тој го потенцираше прогресот на земјава и честиташе за покажаното лидерство при решавањето на прашањата важни и за регионот, но и за Европа.

Вицепремиерот Димитров нагласи дека досието на Северна Македонија е одлучувачко за одржување на динамиката во процесот на проширување и кредибилитетот на ЕУ во регионот.

-Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ е прашање кое тежи и на страната на Унијата бидејќи претставува тест за валидација на европската перспектива на регионот, а има одраз и врз цврстината на постулатите на Унијата како заедница на вредности. Придвижувањето на евроинтегративниот процес врз основа на објективно вреднување на копенхашките критериуми ќе внесе нова енергија и доверба за зајакнување на европската идеја за обединување, што е неопходно и во контекст на внатрешните процеси што се одвиваат во рамки на Унијата, истакна Димитров.

Како што информира СЕП, на средбата се разговараше за актуелниот статус на нашето европско досие и можностите за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Беше истакната важноста од континуирано спроведување на реформскиот процес за европеизација на општеството, со фокус на областите од првиот кластер „Темели”.

Димитров и Кофод разговараа и за модалитетите за зајакнување на билатералната соработка  во контекст на поддршка во процесот на приближување кон европските вредности и стандарди во клучните области како што е владеењето на правото, со конкретни проекти и експертска помош.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *