Османи-Кофод: Данска e сериозен партнер и цврст поддржувач на евроинтеграциите на Северна Македонија

Данска е сериозен партнер и цврст поддржувач на евроинтеграциите на Северна Македонија, беше порачано денеска по средбата на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Данска, Бујар Османи и Јепе Кофод, кој престојува во официјална посета на земјава.

-Оваа посета претставува уште една потврда за добрите билатерални односи. Благодарни сме на оваа соработка која што е постојана. Само да потсетам дека данскиот Парламент беше меѓу првите која што го ратификуваше Договорот за стабилизација и асоцијација пред 20 години, меѓутоа беше меѓу првите парламенти коишто го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО. Двете земји изразуваат подготвеност за интензивирање и унапредување на билатералните односи и соработка во сите сфери од заемен интерес, истакна министерот Османи, кој денеска му беше домаќин на министерот Кофод.

Централна тема на средбата била и европското досие на Северна Македонија, како и на целиот регион на Западниот Балкан.

– Цврстиот и принципиелен став на Кралството Данска за строг, но фер пристап во процесот на проширување, истовремено се принципи кои се втемелени и во новата Методологија за процесот на преговарање и ваквиот фер пристап е она што и ние го посакуваме, што сметаме дека е и во наш интерес, принципи кои и нас не ставаат во состојба на засилена европеизација на нашето општество. Сакам јасно да посочам дека Данска за нас е навистина сериозен партнер, искрен пријател и цврст поддржувач на нашите европски интеграции, нагласи Османи во контекст на европските перспективи на земјата.

Министрите разговарале и за актуелните глобални предизвици кои во моментов се во фокусот на политичкиот интерес и на двете земји, за непредвидливоста на состојбите во Авганистан кои преставуваат потенцијално жариште за нова хуманитарна криза. Како НАТО земји, министрите се согласиле дека најпрво треба да им се помогне на оние граѓани кои изминативе 20 години биле наши сојузници при нашата мисија во Авганистан, а чии животи и безбедноста на нивните семејства е загрозена.

Соговорниците ја искористиле оваа средба и да разговараат за можностите од продлабочување на економските односи и меѓусебната поддршка во мултилатералните организации.

Мост на уште подобра меѓусебна соработка, според Османи, може да биде и нашата дијаспора во Данска.

-Нашата дијаспора во Данска е бројна, но и добро ситуирана, со што таа може да претставува мост за зацврстување на меѓусебното пријателство, но и потенцијал за унапредување и на билатералната економска соработка, рече Османи.

На средбата од страна на министерот Кофод била најавена данската донацијата од еден милион вакцини за регионот на Западниот Балкан, од кои 250 илјади за Република Северна Македонија.

– Имајќи го предвид предизвикот на брзината на ширење на новиот бран на пандемијата, оваа донација на значителна количина вакцини е навистина навремена, во период кога во земјава тече сериозна кампања за масовна имунизација на населението што е секако многу важно за нас, рече Османи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *