Очекувања и внимателен оптимизам во Скопје и Атина

Македонија има шанси, нашите очекувања се, во април месец да добиеме безусловна препорака, а во јуни месец да добиеме датум за отпочнување на преговорите, изјави вчера во Софија, премиерот Зоран Заев, кој рече дека очекува спорот за името со Грција наскоро да биде решен и оти тоа би било добро и за Скопје и за Атина и за ЕУ.

Заев смета дека сега се најголеми шансите овој долгогодишен проблем конечно да биде затворен, што и би го отворило патот на Македонија кон ЕУ. Сепак, истакна дека тој проблем трае повеќе од 25 години и ако бил лесен за решавање, некој досега би го решил.

– Убеден сум дека проблемот може да биде решен за доброто на Грција, на Македонија, и на ЕУ. Целта ни е до јуни да добиеме датум за преговори со ЕУ. Тоа не значи дека не можеме да го решиме и во март. Колку побрзо толку подобро, оцени Заев, кој во Софија учествуваше на состанокот на лидерите од Западен Балкан со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Во меѓувреме, заменик-шефот на грчката дипломатија, Јанис Аманатидис, во интервју за првата програма на грчкото државно радио вчера рече дека Заев во неговите изјави на силен начин ја има изразено политичката волја да придонесе за политичко, заемно прифатливо решение.

Запрашан дали последните изјави на македонскиот премиер покажуваат континуитет или дисконтинуитет Аманатидис вели дека она што е важно е дека Заев има изразено волја за решение. Во тој контекст на позитивни и важни сигнали ги споменува и преименувањата на аеродромот и автопатот, како и „отстранувањето на симболите на иредентизмот“.

– Тоа се потези на добра волја и покажуваат дека постои политичка волја и покрај изјавите што се даваат, но мислам дека треба да се задржиме на суштината на преговорите, вели Аманатидис.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, заменикот на Коѕијас, во интервјуто објаснува дека Грција бара ерга омнес име што значи употреба и во внатрешноста на земјата. Избегна да ги коментира преговорите, но истакна дека во процесот има волја и од двете страни.

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, пак, во пишаниот поздравен говор на конференцијата „Национализам наспроти патриотизам“, организирана од грчката партија „Река“, рече „Од што се плашиме, дека можеби соседите ќе ни го земат Солун? Сега е шансата да завршиме со ова отворено прашање. Скопјаните не се човекојадци“.

Правејќи споредба меѓу патриотизмот и национализмот, Бутарис, вели дека со патриотизмот се добиваат, а со национализмот се пропуштаат можности. Како пример ја наведе општина Солун, градот што за да не пропушта можности е отворен кон Турците и Македонците, пренесува дописникот на МИА од Атина.

„Оган врз црвените линии на Грција од Јункер: повторно говореше за Македонија“, „Јункер ПЈРМ ја нарече Македонија“, „Јункер: Македонците напредуваат, терминот ПЈРМ е бирократија“, „Нова грешка на Јункер, говореше за Македонија и Македонци“, „Провокација од Јункер“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА за интервјуто на претседателот на Европската комисија за „Дојче веле“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, новинарите во Грција акцентот во извештаите го ставија на употребата на Јункер на уставното име и коментарот дека ПЈРМ е „бирократски термин“.

– Претседателот на Комисијата граѓаните на ПЈРМ ги нарекуваше како „Македонци“, а паралелно рече дека името на земјата е „бирократски термин“, пишува CNN.GR.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“, коментира дека изјавата на Јункер доаѓа неколку дена откако Меркел во Берлин го пречека „македонскиот премиер“ и потсетува дека претседателот на ЕК и во минатото го искористил терминот „Македонија“, но тогаш „веднаш ја сфатил грешката и ја поправил“.  Новинарката коментира дека Јункер, сега, го прифаќа истото име, без двоумење и тоа во време на тешки преговори.

– Повтореното погрешно споменување, меѓу другото, ги прекршува одлуките и обврските на самата ЕУ и претставува индиректен притисок врз Грција. Партнерите, се чини дека избираат јасна позиција во овој дипломатски двобој, ослабувајќи ја грчката страна, пишува „Прото тема“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *