„Дигиталниот вкус на културата“ е името на иновативниот план за дигитална промоција на богатата културна понуда на Северна Македонија што го осмисли и спроведе македонската Мисија при ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Брисел.
Првичниот план на Мисијата беше да се организираат концерти, изложби и проекции на македонските филмови пред бриселската публика но пандемијата и понатаму е пречка за физички настани.
Така, Мисијата одлучи да не се откажува од своите планови за промоција на културата и, со помош на македонската фирма Катавеј, изработи интернет платформа.
Програмата на платформата на гледачите им презентира повеќе играни идокументарни филмови, театарски претстави и концерти.
Амбасадорката Агнеза Руси-Поповска за МИА вели дека е значајно да се покаже богатството на македонската култура а особено во оваа 2021 година кога Северна Македонија одбележува 30 години независност.
– За жал, не успеавме да ги реализираме нашите минатогодишни планови за промоција на културата поради пандемијата. Единственото решение за годинава беше дигиталната презентација и одлучивме дека вирусот нема да не спречи да прикажеме барем мал дел од македонската културна ризница. Нашето културно наследство е производ на вековите на испреплетеност на различностите и традицијата. Тие се исто така посебен дел од заедничката европска цивилизација и историја, вели Руси-Поповска.
Таа додава дека може да се каже дека културната разновидност и повеќе јазичноста на нашата земја се всушност Европа во мало.
Така, тука се филмовите „Исцелител“ од Ѓорче Ставревски, „Врба“ на Милчо Манчевски, „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, а во текот на септември, по повод Денот на независноста, ќе бидат додадени „Медена земја“ и „Стела“ на Стојан Вујичиќ. Од театарските претстави засега се предвидени „Љубовници“ од Драмскиот театар и „Магбет“ на Албанскиот театар. Тука се и класичната музика и фолклорот преку концерти на Филхармонијата, Танец и Албанскиот државен ансамбл за песни и ора на Северна Македонија. Со помош на Музејот за македонската борба платформата содржи и повеќе куси документарни филмови за за историската улога на жените во изградбата на државата.
Оваа презентација на културата ќе биде достапна за европските функционери што работат на македонското досие, за дипломатските претставништва на земјите членки на ЕУ, новинарите што пишуваат за нашата земја но и за дијаспората во Белгија.
Платформата може да се гледа само во Белгија поради авторските права за некои од филмовите.
Реализацијата на овој проект беше овозможена со помош и поддршка од Министерството за култура и Министерството за надворешни работи, Агенцијата за филм, продуцентите и авторите на играните филмови, Музејот на македонската борба, Филхармонијата, Танец, Албанскиот ансамбл за песни и ора, Албанскиот и Драмскиот театар. Платформата ќе биде достапна за бриселската публика до крајот на оваа година.