Трета научна конференција и Четврта летна школа во манастирот „Свети Јован Претеча“ – Слепче

Во организација на манастирот Св. Јован Претеча – Слепче  од денеска до 20-ти месецов на отворен простор во манастирскиот комплекс ќе се одржи Третата научна конференција и Четвртата Слепченско-демирхисарска летна школа. Активностите се организираат во соработка со ИЦКН „Цветан Грозданов“ при Македонската академија на науките и уметностите.

Според најавата, денеска со почеток од 12 часот во манастирот ќе се одржи Третата Меѓународна научна конференција со учество на повеќе реномирани научници, а со линковско вклучување својот труд ќе го изложи проф. д-р Николај Зубов од Универзитетот во Одеса, Украина.

На 17 јули свечено ќе биде отворена овогодинешната Школа со промоција на Зборникот на трудови од Втората меѓународна научна конференција Манастирот Слепче и поствизантиската уметност на Балканот во XVI и XVII век, како и монографијата Црквата Св. Никола во Слепче, Демир Хисар од авторот д-р Сашо Цветковски, изданија произлезени од активностите на Школата во претходните години.

Истиот ден, 17 јули, започнуваат и едукативните предавања во рамки на попладневните работни сесии, кои секојдневно, до завршување на школата на 20 јули, ќе се одвиваат во манастирот.

– Предавањата тематски се насочени кон презентирање на дела-ракописи од Слепченскиот книжевен центар, посебно кон делата на најпознатите скриптори и автори Висарион Слепченски и Матеја Слепченски, но и на химнографски дела од досега непознати книжевни и музички дејци поврзани со подоцнежната историја на манастирот, стои во соопштението.

Пленарните предавања, како што велат, се подготвени од проф. д-р Илија Велев, а свое учество и излагање-презентација ќе имаат и повеќе истражувачи насочени кон презентирање на материјали, нови откритија и сознанија од работата на школата 2017-2019 година.

Активностите во рамките на овогодинешната Слепченско-демирхисарската летна школа ќе се одвиваат во доменот на пет научно – истражувачки секции предводени од реномирани професори и научни истражувачи: архитектура – проф. д-р Елизабета Касапова, археологија – проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, историја – проф. д-р Ванчо Георгиев, историја на уметноста – проф. д-р Сашо Цветковски, раководител на школата, и теологија – д-р Виктор Недески, со учество на дваесетина студенти, додипломци и постдипломци.

Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири како и најзначајните места од Илинденскиот период, Смилево, Бабино, Велмевци, Вардино и Крушево.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *