Дел од историската разгледница на печалбарското Љубојно

Во Македонија,покрај другите поголеми села, секако е и Љубојно. Тоа е дел од вистината за Македонија, за печалбарството и иаелувањето, за минатото, за сегашноста и за иднината. Љубојно се наоѓа во убавата Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата на истата македонска земја меѓу Република Македонија и јужниот сосед.

Според пишаните документи Љубојно има рамничарско-ридска положба, тоа се наоѓа на надморска височина од околу 920 метри и зафаќа простор од околу 13 километри квадратни. Љубојно е оддалечено околу 28 километри од општинскиот центар Ресен, а по околу 60 километри од Битола и од Охрид.

Според народните преданија, пак, Љубојно своето име го добило од најубавиот збор љубов. Поточно, многу одамна се вљубиле момче и девојка. Овие две гранични елки, кои живееле во две соседни населби, поради лошите меѓусоседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и да побегнат. Се доселиле во близината на реката и тука останале среќно да си живеат. Подоцна, кај тоа место на вљубените, се доселиле други семејства и, поради тоа, населбата ја нарекле Љубојно.

Според друга легенда, во далечните години на XIV век, во Љубојно имало некоја меанџика по име Љуба. Кога оделе муштериите во меаната, таа им точела добро вино. Од толку што било добро  виното,  муштериите  го  нарекле  „Љубо – вино”. И по тие зборови населбата ја нарекле Љубојно.

901Центарот на Љубојно

Веројатно, легендата е само прераскажување на постарите од овој крај. Но, вистината е дека Љубојно, односно жителите од овој преспански атар поседуваат љубов; љубов кон родниот крај, кон татковината, кон природата и кон убавото. Според кажувањата на постарите, таму секогаш живееле вредни и честити Македонци кои фанатизирано ја бранеле и ја чувале верата и нацијата, обичаите и традициите.

За време на Илинденското востание, селото било запалено и до темел изгорено. Сведоци на таа македонска трагедија се старите куќи, изградени на постојните темели што љубоморно ја чуваат вистината за трагедијата на Љубојно, на љубојнчани и на целиот македонски народ.

Кога се зборува или пишува за борбената Преспа, за  делот на Македонија од каде што потекнува и владеел првиот македонски цар, Самуил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за подоцна во текот на 1944 година целосно да биде засекогаш ослободена од бројните непријатели.

Веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегало на градска населба во која имало 8 чевларски работилници, 7 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 4 кафеани, 4 дрводелски работилници, 5 шивачки работилници, две фурни за леб, 2 месарници, 8 воденици, една ковачници, берберница и др. Во тоа време во Љубојно имало Дом на културата, киносала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, амбуланта, матична служба, споменици посветени на Илинден и на Народноослободителната борба и други обележја.

Исто така, значајно за Љубојно на спортски план се постигнувањата на спортски план. Љубојно била единствената селска населба во Македонија која имала одбојкарски клуб, кој се натпреварувал во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб „Љубојно”, се натпреварувал заедно со елитните екипи „Вардар” од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија. Иако екипата била од мало место, во споредба со градовите ширум Македонија, сепак, во Љубојно одбојката имала голема традиција, а особено имало талентирани одбојкари кои го освоиле третото место во Македонија.

Младите одбојкари на екипата „Љубојно“ на турнирот во Скопје во 1966 година, во силна конкуренција на јуниори, го освоиле првото место, што претставувало најголем спортски успех на љубанци. Исто така, успехот на фудбалскиот клуб „Пелистер“ кој се натпреварувал во Битолскиот фудбалски потсојуз и постигнал завидни резултати. А, во Љубојно имало традиција, силна љубов и фанатизам кон оваа спортска дисциплина.

Секако за Љубојно се карактеристични едукативните процеси. Тоа е село, кое отсекогаш било расадник на високообразовни кадри кои нашле  свое  место  во  нашето  општество  како воспитувачи, педагози, новинари, професори, писатели, лекари, доктори на науки, инженери, правници и други значајни професии, кои придонесуваат за подобро и посреќно утре.

902Во Љубојно во „Чивлик“ 

Сите тие учени кадри своето образование најнапред го стекнале во Централното осумгодишното училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно. Тоа било изградено во втората половина на ХIХ век, било малечко и со две училници. Првата настава на свој мајчин народен јазик започнала во 1908 година, за во 2008 година да се прослават стоте години од неговото постоење.

За први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци од Охрид, што докажува дека кон крајот на XIX век во Охрид брзо напредувала писменоста. Во ова училиште само од Љубојно своето образование го добиле педесетина лекари, дваесеттина правници, адвокати, дваесеттина професори, дваесеттина инженери, десетина писатели, поети, новинари, неколку доктори на науки и многу други интелектуалци.

Во текот на Првата светска војна, како и времето меѓу двете војни, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија, тоа било приспособено за болница на француските војски, за потоа да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од наставниот кадар ја вршел својата просветителска дејност, а додека, пак, некои биле само маша на буржоаскиот сталеж; го малтретирале македонското население, а децата гиучеле на туѓи јазици, неразбирливизанив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно „ги учеле“: српски, италијански, албански и бугарски „учители“.

Сите страдања, бруталности и непедагошки односи  кон  македонското  население  и  невините Македончиња се окончале на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од окупторската  чизма.   Престанале   асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство, понижувања … Но, тој народ го зачувал македонскиот јазик, обичаите, верата и македонскиот дух.

По ослободувањето на 14 ноември 1944 година, првпат во питомата Преспа, во Љубојно се отворило училиште на мајчин – македонски јазик. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, гордост на плејада интелектуалци кои го започнале своето школување на мајчин јазик.

Посебно внимание заслужуваат напорите на првите македонски учители во Љубојно, а тоа биле: Методија Јовковски, Богоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, Филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија. Секако, посебно внимание и благодарност треба да им се оддаде и на една голема група учители и наставници што ја продолжија наставната дејност во Љубојно и Преспа.

Продолжува

1slave Пишува СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *