Земјоделците уште „висат“ по шалтери, примената на дигитализацијата во почетна фаза

Возраста, навиките, менталитетот, немањето доволно познавања, отпорот кон промени и учење нешто ново, стравот да не се направи грешка – која е клучната причина за ниското ниво на дигитализација во македонското земјоделство?

Зошто на повеќето наши земјоделци им е многу полесно да отидат во подрачната единица дури и ако тоа значи дополнително губење време и ризик за сопственото здравје во услови на КОВИД, наместо од дома, удобно седнати пред компјутер, да аплицираат за субвенции или да извадат некакви документи?

Последното истражување на Рурална коалиција покажа дека е ниско нивото на дигитална писменост, посебно во руралните средини, но и дека користењето на е-услугите е исклучително незадоволително.

Се потврди и фактот дека со земјоделство во земјава се занимава главно повозрасната популација, додека за младите секторот не е доволно атрактивен.

Според ресорното Министерство, дигитализацијата е реалност и нашите земјоделци ќе мора да се едуцираат и да ги користат дигиталните алатки. Земјоделците, пак, се со поделени ставови. Некои сметаат дека проблемот не треба да се лоцира само кај нив, туку и во институциите.

– Повозрасните генерации многу потешко ги прифаќаат промените и се снаоѓаат со дигиталните решенија, а помладите кои имаат повеќе познавања во овој дел се уште, за жал, не го сметаат земјоделството за привлечно или за сектор во кој би ја граделе својата професија и кариера. Токму тука треба да се бара и дел од решението – како преку модернизација на секторот да се зголеми неговата конкуреност, а преку тоа и да се зголеми бројот на млади кои ќе се знимаваат со земјоделство или ќе развиваат други дејности во руралните средини што ќе им носат економски бенефит преку диверзификација на земјоделските стопанства, вели за МИА извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Ако се анализираат резултатите од истражувањето, се забалежува интересна контрадикторност: 87 отсто од анкетираните земјоделци имаат фејсбук-профил, но кога треба да вадат или поднесуваат некој документ 64 отсто преферираат шалтерските услуги. Буквално одат на шалтери во институциите иако се им е достапно со еден клик.

-Според истражувањето, 29 отсто од испитаниците одлично познаваат интернет и електронско комуницирање. Иако 76 проценти имаат сопствена е-меил адреса преку која би можеле да контактираат со институциите (Министерство за земјоделство, УЈП), најчесто не ја користат. Не си ја знаат лозинката или воопшто не им е активна. Тоа било и една од причините за огромните гужви кои се создадоа лани за време на вонредната состојба и забраната за движење поради КОВИД, со оглед дека мејлот беше потребен и за вадење дозволи за движење за време на полициски час, укажува Јоноски.

На почетокот на оваа година, повторно поради непознавањето на е-маил адресите и е-комуникацијата, голем број од земјоделците не извршиле увид во својата годишна даночна пријава, па се соочиле со неможност да го вратат данокот на приход што им следува секоја година зашто во делот на другите приходи, откупните центри или преработувачките капацитети со кои имаат склучено договори за производство ги ставиле репроматеријалите, маските, средствата за дезинфекција и другите материјали што им биле доставени на земјоделците.

-Вака констатираната состојба заслужува посебно истражување на тема колку земјоделците во одредени случаи поради нискиот степен на дигитална писменост трпат и штети од страна на институциите, како и колку е негативен трендот на воспоставување процеси на дигитализација само од едната страна, во овој случај само од страна на институциите ако тој тренд не биде следен од страна на граѓаните, посочува Јоноски.

Поразителни се и бројките во делот на платежните картички. На прашањето „дали имате платежна картичка“, 92 отсто од испитаниците одговориле потврдно, но најголемиот дел се уште картичката ја користат само за вадење пари од банкомат. Електронски плаќаат сметки само 26 проценти од нив, а 11 отсто купуваат преку Интернет.

Со слични проценти се и одговорите за поднесување барања за имотен лист, апликации за субвенции и издавање извод од родени/венчани – документи кои се сметаат за најчесто барани електронски услуги, а се дел и од најчестите документи што им се потребни на земјоделците при поднесувањето барања за финансиска поддршка од Националната програма за рурален развој и од ИПАРД програмата. Вкупно 41,5 отсто од испитаниците одговориле дека при аплицирање за субвенции користат помош од вработените на одговорните институции, 37,8 пороценти рекле дека не аплицираат електронски, а 20 отсто дека аплицираат сами.

-Поседувањето смарт уреди или компјутери не е проблем, ниту е проблем пристапот до интернет. Анкетата покажа дека 85 отсто од семејните земјоделски стопанства имаат смартфон и дека покрај тоа, располагаат плус со лаптоп или со декстоп компјутер. Сепак, малку имаат таблет, само 10 проценти. Вкупно 93 отсто, пак, од анкетираните се изјаснија дека имаат пристап до интернет во местото каде што живеат и имаат уреди со кои можат да го користат интернетот, нагласува Јоноски и додава дека 62 отсто од анкетираните се запознаени со можноста за електронско издавање документи.

Јоноски заклучува дека земјоделците имаат основни дигитални вештини, но мора да се работи на нивното неформално образование преку разни обуки и пракса. Тоа го потврдува и фактот дека на прашањето „дали би користеле електронски услуги ако ви се овозможи поддршка“, скоро едногласно со 93 проценти, одговорот е ДА.

-Ако можам да седам на Фејсбук по 2-3 часа дневно, сигурен сум и дека можам да научам како да ги користам е-услугите, ако ништо друго барем оние поедноставните, рекол некој од испитаниците.

Земјоделците поделени околу дигитализацијата

Весна Јаневска, регистриран земјоделец од Росоман, смета дека проблемот со ниското ниво на дигитализација не треба да се припишува само на производителите, иако е факт дека тие што се повозрасни не работат електронски. Причината за неефикасноста во овој сегмент, според неа, треба да се бара и на институционално ниво. Земјоделците, вели, немаат доверба додека сами лично не го достават документот или не го добијат на рака со печат. Некогаш и препорачано ги испраќаат за да бидат сигурни дека ќе стигнат, но не и електронски

-Кој од земјоделците што е постар од 50 години работи електронски? А и ако сакаш да аплицираш во Подрачната единица, не ретко вработените се жалат дека системот не им е во ред или дека е „паднат“. Вработениот седи пред компјутер, ти чекаш. Пред 1,5 година кога аплицирав за мерката за жени од рурални средини, четири часа седев кај вработениот во канцеларија. Повикот беше објавен за многу кратко време, рокот за пријавување беше краток, за собирање на документите. Се случува и некој ако сака да аплицира електронски, вработените во подрачните единици да го разубедуваат дека постапката е сложена што не е во ред, вели Јаневска.

И таа потврдува дека генерално со земјоделство кај нас се занимаваат повозрасните, а малку се едуцирани за работа со компјутер.

-Ако некој знае да работи на компјутер, ќе се бори за работа во администрација, а не на нива. Фејсбук да, имаат повеќето, но пред се младите. Постарите кои имаат профил, им го отвориле децата и им служи само за ставање „лајкови“. Не верувам дека се разбираат во ИТ. И јас лично зависам од синот, посебно кога треба да се вклучам на некоја онлајн работилница. Ако нешто згрешам, англиски не знам, него го чекам од работа и сите ми се смеат. Потоа и велам, подобро да не се вклучувам отколку да бидам предмет на исмејување , искрена е Јаневска.

За разлика од неа, Сузана Димитриевска од Мустафино веќе интензивно три години користи електронско плаќање, а и електронски аплицира за субвенции. Но, го разбира стравот на земјоделците најмногу од тоа да не згрешат, зашто и лично имала негативно искуство кога при онлајн поднесувањето барање за поддршка направила грешка. Димитриевска вели дека задругите би можеле да одиграат многу важна улога, како поддршка и промоција на дигитализацијата во земјоделството, а земјоделците не треба, туку мора да се прилагодат на новините. Примената на компјутери треба да ја сфатат како обврска ако сериозно сакаат да се занимаваат со производство.

-Планирам сосема да се префрлам на електронско банкарство, а и ова ми е веќе трета година како електронски аплицирам за субвенции без воопшто да одам во Подрачната единица. Ако заглавам, знам кој знае и прашувам да ми помогне. Лани наместо да напишам 1.000, сум пишала 10.000. Во таков случај доаѓа контрола и прави увид за да утврди дека навистина е направена техничка грешка. Точно, процесот трае малку подолго, но се решава, истакнува Димитриевска.

Дигитализацијата не е баук, потенцира, и тоа треба јасно да им се предочи на земјоделците. Во однос на социјалните мрежи, Димитриевска вели дека е добро  што земјоделците имаат фејсбук зашто така учат како да ги користат мобилните телефони.

Каков е ставот на надлежните?

Министерството за земјоделство потврдува дека бројот на земјоделци кои електрoнски аплицираат за субвенции е мал и дека повеќето преферираат физичко присуство и помош од вработените за да поднесат електронско барање.

– Иако електронскиот начин на аплицирање функционира веќе неколку години, интерсот кај нашите земјоделци е слаб. Тоа се должи на фактот што повеќето земјоделци се повозрасни и немаат компјутерска едукација. Дури ни корона кризата не влијаеше кај нив да се одлучат за електронско аплицирање и покрај нашите апели и доставеното упатство за електронско аплицирање, велат за МИА од МЗШВ.

Сепак, според Министерството, дигитализацијата е реалност и нашите земјоделци ќе мора да се едуцираат и да ги користат дигиталните алатки.

-Примената на компјутерите во земјоделското производство е какрактеристична за помладите, додека повозрасните земјоделци ретко знаат сами да ја применат дигитализацијата во земјоделското производство. Се надеваме дека со природната смена на возрасната генерација и се поголемиот интерес кај младите за агросекторот кој навистина е зголемен благодарение на мерките, а пред се мерката „Млад земјоделец“, оваа состојба во иднина ќе се менува, дополнуваат од МЗШВ.

Оценка на Платежната агенција е дека електронското поднесување на барањата и за субвенции, но и за повици за други мерки, зависи од личниот капацитет и вештините на секој поединец.

-Секако, сите кои имаат познавање и знаат да ракуваат со компјутер, но, немаат премногу познавања и вештини, со помош на нашите служби од кол центарот или од секторите, успеваат да поднесат апликации со поддршка по телефон. Има и такви апликанти кои со години самостојно поднесуваат апликации и немаат никакви проблеми околу аплицирање. За оние, пак, што немаат познавање од новите модерни технологии, на располагање се службите на подрачните единици на МЗШВ и вработените заедно со апликантите поднесуваат апликации, објаснува за МИА директорот  на Агенцијата, Никица Бачовски.

Според него, од година во година расте бројот на апликанти кои сами и без поддршка поднесуваат барања не само за субвенции во земјоделството, туку и за добивање финансиска поддршка преку мерките од Програмата за рурален развој.

-Земјоделците се прилагодуваат на новините кои се воведуваат, а тоа се прави пред се за да им се скрати времето кое е потребно да поднесат барања. Со електронските барања можат во системот да се најават во било кое време, односно тоа може да го направат и во доцните вечерни часови кога реално немаат активности околу посевите. На тој начин им се крати времето, трошокот кој го имаат за да стигнат до Подрачните и пред се да се избегнат чекањата, додава директорот.

Од 2016 година сите апликации за „директни плаќања е-субвенции“ се поднесуваат електронски. Ако не се во системот за „директни плаќања е-субвенции“, барањата не се прифаќаат како поднесени. Разликата е во тоа што дел од апликациите се креирани со помош на вработени во подрачни единици, а дел од барањата, односно апликантите кои знаат да аплицираат, ги поднесуваат сами. И за добивање финансиска поддршка по мерките од Програмата за рурален развој, барањата се поднесуваат електронски, а се доставува и пропратна документација.

-Агенцијата мора да ги следи трендовите и да обезбеди поголема транспарентност и апликантите во секое време да имаат увид во нивните апликаци. Токму затоа, активно се работи на почнување модел преку кој сите апликанти по Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и ИПАРД ќе можат од дома, преку своите електронски уреди со впишување на ЕМБГ, ЕМБС или ИДБ да добијат основни информации за административниот тек на нивните апликации, проекти и исплати. На овој начин многу ќе се олесни и товарот врз вработените во АФПЗРР, но и земјоделците во реално време ќе можат да видат каков е статусот на нивното поднесено барање. Нема да имаат потреба да се јавуваат во контакт-центарот за прашаат за статусот на нивната апликација, напоменува Бачовски.

Податоците од Платежната агенција покажуваат дека во текот на минатогодишната кампања за поднесување барања за субвенции 9.130 лица барањата ги поднеле сами електронски. Останатите 57.818 лица поднеле електронски барања, но креирани со помош на вработени во подрачните единици. Од оние 9.130 лица кои сами од дома си поднеле барања, апликациите биле во делот на поледелство (3.858), градинарско производство (1. 937), одржување лозови насади (1. 484), одржување постоечки лозови насади (2.006), обележани грла (1.205), добиени телиња (157), обележани грла овци (321) и обележани кози (196), информираат од Агенцијата.

За поттикнување на дигитализацијата во земјоделството Рурална коалиција препорачува изготвување лесно достапни и разбирливи апликации со детални упатства на јазик разбирлив за земјоделците и жителите во руралните средини, зголемување на сигурноста во е-документите преку нивна поголема промоција, споделување позитивни приказни меѓу локалното население за ефикасноста и ефективноста на е-услугите од страна на оние кои што ги користеле, како и директна поддршка на терен и работа со земјоделците.

-Сметаме дека е неопходно и постепено воведување на е-услугите како единствен или приоритетен начин на комуникација на институциите, воведување едукативни модели/курикулуми за зголемување на дигиталните вештини кај земјоделците и жителите во руралните средини, изготвени во соработка со институциите, пред се со Министерството за администрација и информатичко општество и Агенцијата за вработување, спроведување кампања за заjакнување на свеста каj граѓаните за користење е-услуги, субвенционирање на издавањето електронски потпис за граѓани од рурални и маргинализирани средини и воспоставување локална мрежа на мобилни посредници за промовирање и посредување во пристап до платформата, истакнува извршната директорка Лилјана Јоноски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *