Брнабиќ го истакна значењето од изградбата на брзата пруга од Белград до Северна Македонија

Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени денеска дека посетата на претседателот Александар Вучиќ на Брисел е важна од повеќе аспекти, економски и политички, вклучително и на продолжување на дијалогот со Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ на ТВ Пинк ја истакна важноста на договорениот проект за изградба на брзата пруга од Белград до Ниш и понатаму до границата со Северна Македонија.

-Кога ќе ја имаме таа пруга, за која испреговара претседателот Вучиќ во Брисел, нема да биде чудно некој да живее во Ниш и да работи во Белград, што досега беше незамисливо, изјави Брнабиќ.

Таа оцени дека посетите во Брисел никогаш не се особено лесни и додаде дека првпат слушнала од претседателот Вучиќ дека посетата за него била пријатна и убава.

– Ние се подготвувавме за оваа посета исклучително долго време. Целата влада работеше на тоа, работевме многу во областа на владеењето на правото и на брифинг материјалите за навистина на едно место да собереме сè она што го сработивме, кажа Брнабиќ.

Изградбата на брзата пруга од Белград до Ниш и понатаму до границата со Северна Македонија целосно ќе ја промени Србија, изјави синоќа Вучиќ во Брисел.

-Не знам дали разбирате што значи кога добивате 700 милиони евра на подарок, изјави Вучиќ и додаде дека Србија досега добивала пари од ЕУ, но тие „не можеле да се видат“.

-Бев толку среќен, бев возбуден што само мерев километри и размислував за пари, ќе ги вклучиме Светската банка и ИБРД, за да ја направиме побрза, да решиме сè процедурално, кажа Вучиќ, кој додаде дека за тоа „сонуваме 70 години и не верувавме дека тоа ќе се оствари“.

Во реакцијата на оваа вест професорот Слободан Ачимовиќ од Економскиот факултет во Белград, кој предава група предмети, кои се занимаваат со логистика, транспорт и инфраструктура изрази очекување дека пругата ќе биде обновена сè до Солун, и оти ревитализацијата на железничкиот Коридор 10 би значело да Србија станува транспортен јазол-најблиска и најбрза врска до срцето на Европа.

-Таа пруга ќе мора да биде брза пруга. Тоа не треба да биде само ревитализација на постојната пруга, туку едноставно изградба на пруга за големи брзини, како она што веќе го правиме на потегот Белград-Будимпешта. Таа веројатно ќе продолжи низ Северна Македонија и претпоставувам дека ќе стигне до Солун, а потоа за не знам колку години би имале одличен крај на Патот на свилата што влегува преку железница, оцени Ачимовиќ, кој изрази верување дека користејќи ја добрата кинеска идеја, ЕУ направила голем потег, како и дека е среќен што Србија тргна кон нови инвестиции во железницата.

-Железнички коридор 4 поминува низ Романија, Бугарија и исто така завршува во Грција, во Солун. Сепак, тој има еден голем проблем, затоа што е 300 километри подолг. Со други зборови, ако ЕУ одлучи да го зајакне овој пократок Коридор 10, тогаш тој Коридор 4 ќе биде надвор од приоритетите на ЕУ и тогаш имаме можност стоките да одат по природен пат како што одеа отсекогаш од Турција и Азија, преку Балканот, до Европа. Коридорот 10, кој оди од Грција, преку Македонија, Србија и понатаму до Будимпешта, е едноставно најсоодветната рута за стоки и патници, оцени Ачимовиќ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *